Фото: Сашо Клековски/Фејсбук

Во Фондот за здравствено осигурување на Македонија денеска се одржа средба посветена на можностите за зголемување на платите во јавното здравство, информираше на Фејсбук, директорот на ФЗО, Сашо Клековски.

Како што објави Клековски, на состанокот присуствувале Ѓорѓи Ставридис и Љубиша Каранфиловски од Самостојниот синдикат за здравство, како и Предраг Серафимовски и Перо Спиров од Самостојниот синдикат на Клинички центар. Разговорите биле фокусирани на можните модели за покачување на примањата на здравствените работници.

Во наредниот период ќе бидат изработени финансиски анализи, врз основа на кои ќе продолжи дијалогот меѓу институциите и синдикатите.

На средбата, исто така, било отворено прашањето за утврдување на репрезентативноста на синдикатите во здравството, подготовка на нов колективен договор, како и справување со тужбите на вработените против јавните здравствени установи и последиците што произлегуваат од нив.