ОД МИТРОВДЕН ДО ЃУРЃОВДЕН – СПОМЕНИ ЗА МАКЕДОНСКАТА БОРБА ЗА СЛОБОДА И ЧОВЕЧКИ ПРАВДИНИ (7)
- Во историјата на народите одредени личности ги надминуваат границите на времето и фактографијата, претворајќи се во митски столбови врз кои се гради идентитетот. За македонскиот народ, Александар Трети Македонски никогаш не бил само антички владетел од учебниците, тој бил и останал жив дел од колективната меморија
Дали и колку славното античко минато на Македонија и Македонците влијаело на борбата за слобода и човечки правдини во 19 век? Доколку би читале и слушале некои од општоприфатените наративи, би разбрале дека некој како со децении, па и векови, да се обидува да ги убеди не само Македонците туку и светската јавност дека „Македонците во 19 век биле романтичари што попусто се обидувале да се поврзат со Античка Македонија…“
Во историјата на народите одредени личности ги надминуваат границите на времето и фактографијата, претворајќи се во митски столбови врз кои се гради идентитетот. За македонскиот народ, Александар Трети Македонски никогаш не бил само антички владетел од учебниците, тој бил и останал жив дел од колективната меморија. Особено во 19 век, во времето на националното будење и борбата против османлиското ропство, ликот на Александар служел не само како историска референца туку и како духовен извор на сила, доказ за „старата слава“, инспирација за борба и легитимитет за правото на слобода. Пред да стане дел од политичките програми на револуционерите, Александар живеел во народните преданија. Во мрачните векови на османлиското владеење, кога писменоста била ретка, митот за царот се пренесувал усно и преку популарната средновековна литература позната како „Александрида“. Овие книги, читани веднаш по црковните житија, го претставувале Александар не како суров освојувач, туку како праведен, божествен херој, честопати христијанизиран во народната свест. За македонскиот селанец, Александар бил „нашиот цар“, кој некогаш го поседувал целиот свет. Топонимите низ Македонија – царски чешми, дабови на Александар, патишта по кои наводно врвела неговата фаланга, сведочат за длабоката психолошка потреба на народот да се поврзе со таа величествена фигура. Тоа чувство на припадност кон една „царска лоза“ било тивок, но жилав отпор против чувството на инфериорност што го носело ропството.
Во 19 век, со појавата на македонските преродбеници, ликот на Александар добива појасна идеолошка форма. Ѓорѓија Пулевски, една от најмаркантните фигури на тоа време, во својата „Славјанско-маќедонска општа историја“ директно го поврзува современото македонско население со Античките Македонци. За Пулевски и неговите современици, повикувањето на Александар не било обичен романтизам, туку политички чин. Тоа било начин да се каже: „Ние не сме безимена раја, ние сме Македонци“. Овој наратив бил клучен за формирање посебна национална свест, различна од бугарската или грчката пропаганда. Додека соседните монархии се обидувале да ја асимилираат македонската популација преку црквата и образованието, повикувањето на античкото наследство (македонизмот) служело како штит за зачувување на автохтоноста.
Највидливо влијание на култот кон Александар во борбите за слобода е присуството на земскиот симбол – лавот. Иако лавот е сесловенски и европски хералдички симбол, во свеста на македонските револуционери тој бил директно поврзан со античкиот македонски симбол и династијата на Аргеадите. Знамињата на Македонското востание гордо го носеле лавот, симболизирајќи ја разбудената сила на некогашната империја. Револуционерите од Организацијата (подоцна) и илинденците, иако примарно фокусирани на социјална правда и автономија, честопати во своите говори и песни ја евоцирале „славата на Александар“ како мотивациски елемент. Тоа не било повик за враќање на империјата, туку повик за враќање на достоинството, бидејќи – ако нивните предци можеле да го покорат светот, тогаш тие можеле барем да ја ослободат својата земја.
Тврдењата дека денешните Македонци вештачки го присвојуваат наследството на Александар од други култури и го вметнуваат во својот фолклор се целосно неосновани и историски неиздржани. Богатото писмено и усно наследство недвосмислено го потврдува живото присуство на цар Александар Македонски во колективната свест на македонскиот народ низ вековите. Уште во 16 век странските патописци забележале локалитети за кои локалното население тврдело дека датираат од времето на Александар, а постојат и сведоштва за македонски печалбари низ Европа во 17 и 18 век што со гордост ги пееле песните за својот древен цар. До почетокот на 19 век, народната меморија најсилно ги запаметила двајцата владетели – Крале Марко и цар Александар. Во тој период голем број европски автори ја обновуваат темата за Александар, директно поврзувајќи го со Македонија. Георги Раковски, на пример, во свое дело наведува дека самиот Александар ги нарекувал Пеонците Славјани – податок потврден и во тогашните француски патописи. Книжниот фонд од 19 век јасно ја исцртува врската меѓу Александар и Словените, докажувајќи го автохтоното чувство на народот дека отсекогаш живеел на својата земја. Ова е видливо во зачуваните народни песни што го опеваат секој аспект од животот на Александар: од неговото раѓање, походот и женидбата, средбите со наречниците и верноста на Букефал, па до неговите пророчки соништа, дарежливоста, патувањето до крајот на светот и потрагата по „водата на животот“. Научните трудови и збирките на преродбениците како Миладинови, Шапкарев и Цепенков, како и делата на Раковски, Верковиќ и Новаковиќ, ги зачувале преданијата за старите градови, изумите на царот и легендите за неговата сестра и бесмртната вода. Делата на Пулевски, Прличев, Мажовски и Џинот, заедно со венецијанското издание на „Претскажувањата на Александар“ од Атанас Македонецот, претставуваат непроценливо богатство и доказ за милениумскиот континуитет на оваа традиција.

Во капиталната „Славјанско-маќедонска општа историја“ на Ѓорѓија Пулевски е вклучен и „Царственикот на Александар“, кој претставува автентична македонска Александрида. Пронајдените преводи на книги за Александар по манастирите, пишувани на старо македонско писмо, дополнително ја зацврстуваат оваа врска. Интересен е податокот од еден расказ датиран пред 17 век, каде што при описот на потрагата по бесмртната вода се споменува сестрата на Александар – мотив што се повторува и во записите од 19 век, иако со варијации во името. Преданијата од селата по течението на Бабуна и во Овчеполието, пак, зборуваат за древното знаме на македонската држава, скриено и зачувано како дел од машката народна носија (престилката). Повикувањето на славната македонска држава, фалангата и царевите Филип и Александар било неизбежен дел од секоја борба за слобода и правдина. Ова не било само тактика на богатото лоби што барало кнежество Македонија туку искрен порив на обичниот народ, кој постојано се бунтувал. Учесниците во Кресненското востание од 1878 година јасно ја манифестирале свеста за поврзаноста со Античките Македонци. Членовите на тајното друштво „Лозари“ дури биле обвинувани за заговор за возобновување на Македонското Царство на чело со некој од уредниците на „Лоза“. Целата револуционерна епоха е проткаена со спомени за славната империја, а останува отворено прашањето дали историјата ќе беше поинаква доколку се стремеле кон кралство наместо република. Спомените за Александар Македонски не исчезнале по 19 век. Од Крсте Петков Мисирков, преку револуционерите, па до совремието, ликот на Александар не избледува. Напротив, кон крајот на 20 и почетокот на 21 век, интересот доживува ренесанса преку голем број написи и прекрасни дела напишани од македонски автори. Александар Македонски бил и останува вечна инспирација и ѕвезда водилка во сите историски премрежиња и борби за афирмација на македонскиот народ.
Александар Македонски во 19 век не бил третиран како музејски експонат, туку како жив соборец бидејќи неговиот лик послужил како мост преку кој македонскиот народ го прескокнал јазот на вековното ропство за да се поврзе со времето на својата најголема моќ. Во борбата за слобода, митот за Александар бил психолошкото оружје, кое на обесправениот народ му дало право да мечтае и да се бори за државност. Царот Александар Македонски останал архетип на победникот во колективната свест, докажувајќи дека слободата не е подарок, туку наследство што треба повторно да се освои.
М-р Никола Ристевски
продолжува
































