Фото: Н.М

Салата Борис Трајковски синоќа беше исполнета до последното место, а публиката со долги аплаузи и стоечки овации го поздрави настапот на македонскиот пијанист со светско реноме маестро Симон Трпчевски, кој одржа концерт што уште еднаш ја потврди неговата исклучителна уметничка вредност.

Вечерта помина во знакот на внимателно избран и уметнички заокружен репертоар, кој понуди музичко патување низ различни емоционални состојби – од суптилна лиричност до моќна драматичност.

– Надвор е магливо и студено, но во срцата – чисто како солза и топло –  рече маестро Трпчевски на почетокот на концертот, заблагодарувајќи ѝ се на публиката за присуството.

На сцената му се придружија Сашо Татарчевски и музичари од Македонска опера и балет, создавајќи динамична и возбудлива концертна атмосфера, а посебен акцент на вечерта беше соработката со гитара, предводена од истакнати македонски гитаристи.

Меѓу повеќето гости беа и членови на Македонската филхармонија како и македонски музичари кои работат во странство, како и членови на „Македонисимо“.

На крајот од концертот, маестро Трпчевски јавно му се заблагодари и на Панде Шухов, кој беше аранжер на делата изведени на концертот.

Концертот во Скопје уште еднаш ја потврди улогата на Симон Трпчевски како еден од најзначајните амбасадори на македонската култура во светот – уметник кој преку музиката не само што настапува, туку и раскажува, обединува и инспирира.