Фото: Маја Јаневска-Илиева

КОШАРКА

По одигрувањето на седмото коло се познати и позициите на табелата на осумте екипи учеснички во Првата лига за жени во кошарка, а според нивниот пласман во првиот дел од првенството се формирани и четвртфиналните двојки во купот на Македонија „Благоја Георгиевски-Буштур“. Три екипи се на делба на првата позиција, Крива Паланка, Баскет Кам и Вардар со идентичен ефект од по шест победи и еден пораз по првиот круг од првенството, но, во меѓусебните натпревари, според кои се прави моментниот пласман, во предност е Крива Паланка. Во согласност со претходно утврдениот систем за куп-натпреварувањето се формирани и натпреварувачките двојки за четврт-финалето (по системот 1-8, 2-7, 3-6, 4-5), на 27 и на 28 декември, на теренот на подоброрангираните екипи од првенството (се игра само еден меч): Крива Паланка – Патриот, Баскет Кам – Спорт тим, Вардар – МЗТ Бела вода, Бадел 1862 – Пробаскет. Г.И.