Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и дел од раководството на МВР денеска беа во еднодневна работна посета на Општина Кичево. Најпрво ја посетија реновираната полициска станица во Кичево, објект што е реновиран со средства од Министерството, со цел обезбедување подобри услови за работа на полициските службеници. За овој зафат Министерството потрошило околу три милиони денари.  Направена е замена на врати и дрвени прозорци со нови ПВЦ прозорци, интервенирано е на фасадата, а извршени се и други молеро-фарбарски работи.

Министерот Спасовски ја посети и Општина Кичево каде оствари средба со градоначалникот Фатмир Дехари, од кого доби целосна информација за сите случувања во оваа општина.

-Денес сум во општина Кичево и разговаравме околу заеднички размислувања за подобрување на безбедноста во Општина Кичево. Превенцијата е најдобро нешто за да имаме подобра безбедност. Ме информираа заедно со командирот на полициската станица за остварените средби со раководствата на месните заедници и со училиштата. Имаме намалување на криминалитетот во Општина Кичево и во делот на сериозниот криминал и во делот на нарушувањето на јавниот ред и мир. Ситуацијата е стабилна и имаме поволна безбедносна состојба во рамките на општината. Со градоначалникот веќе размислуваме за заеднички проекти кои ќе ја зголемат безбедноста во општината. Разговаравме за проект, за поставување на камери кои ќе ја зголемат безбедноста во овој град – истакна министерот Спасовски и потстети на сите зафати кои се извршени на зградата на полициската станица која не е реновирана од далечната 1975 година.

На новинарско прашање дали размислува да се кадидира за претседател Спасовски без конкретен одговор и посочи дека тоа ќе зависи од партискиот став.

Градоначалникот Дехари беше презадоволен што министерот ја посетил Општина Кичево и што разговарале за сите теми поврзани со граѓаните од оваа општина.

-Во историјата на нашиот град и на нашата општина, за првпат присуствува Министерот за внатрешни работи. Ова заслужува голема благодарност од моја лична страна и од страна на граѓаните на Општина Кичево. Денеска ни беше добра прилика да разговараме со министерот за сите наши заеднички работи, заедно со командирот на полициската станица и началникот на СВР-Охрид. Јас како градоначалник и понатаму ќе продолжам да бидам со нашите граѓани, заедно со сите релевантни институции, особено со МВР, затоа што ценам дека е во интерес на нашите луѓе кои живеат тука – истакна градоначалникот на Општина Кичево, Фатмир Дехари.

З.А.