Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
Според староседелците, црквата „Свети Јован Крстител“ во Кратово постоела уште од многу одамна, а била запалена за време на Карпошовото востание, кога изгорел целиот покрив и останале само ѕидовите. Народот успеал да ги зачува вредните црковни предмети и дури во 1836 година црквата била обновена од големиот неимар Андреја Дамјанов. Иконите и фрескописот ги изработиле Димитар Христов и неговиот син Захарија Доспевски од Самоковската школа, а иконостасот е една од првите изработки на Петре Филиповски Гарката и неговата тајфа. Неколку децении подоцна, во неколку наврати во црквата работел и Димитар Андонов Папрадишки.
Во црквата е зачуван иконостасот, внатре се наоѓаат неколку икони за кои народот верува дека се чудотворни, а фреските сведочат за работата на старите мајстори. Пред црквата, во тремот се претставени многу светци, а на средината се наоѓа Второто Пришествие Христово. Забележливи се два слоја на фрески и голем дел од ликовите на светците и претставата на небесната хиерархија се зачувани. Впечатливи се симболите што се вградени и исцртани во ѕидовите на црквата. И покрај издржливоста низ вековите, потребни се заштитни интервенции и конзерваторска работа за да се зачува овој споменик на нашата култура.
Во Кратово се наоѓа и првата црква посветена на Свети Ѓорѓи Кратовски, изградена во 1925 година. Свети Ѓорѓија Кратовски е македонски православен светител, кој бил роден во Кратово во 1497 година. Родителите Димитар и Сара уште од најрана возраст му овозможиле да научи да чита и пишува, по што како млад образован човек бил испратен да учи златарски занает во Софија. Таму, откако се противел на обидите на властите да го придобијат и да го потурчат, во 1515 година бил запален на клада. Чудотворните облаци што се појавувале врз запалениот оган, несогорливото тело, сведоштвата од неговите современици и прогласувањето за светец само неколку децении по неговата смрт сведочат за белегот што го оставил Свети Ѓорѓија од Кратово во македонската историја и култура. Животот на овој македонски светител за првпат бил опишан од неговиот земјак Поп Пејо.
Во градот има уште една стара црква, посветена на Свети Николај Чудотворец. Најверојатно била започната да се прави врз темели на постар храм во 1822 година, а била завршена во 1848 година. Постојат податоци според кои и пред Карпошовото востание, во Кратово постоела црква „Свети Никола“.
Старите мајстори направиле многу издржливи куќи во Кратово, кои можат да се видат и денес. Секое маало си има свои посебни архитектонски белези. Градителството во Кратово сведочи за древните знаења на македонските мајстори. Градската архитектура во Кратово е типична староградска македонска архитектура.
Под Кратово постои мрежа од тунели што ги поврзува кулите и мостовите со други локации. Денес, во 21 век, уште можат да се видат делови од подземни ходници во градот и неговата околина. Под многу стари куќи има подруми што се дел од тие стари подземни премини, а многу од тунелите се затрупани.
Кратово било дел од многу буни и востанија на македонскиот народ во минатото, што предизвикало последици не само во градската архитектура туку и врз начинот на живот на населението. Постојат историски податоци за трпението, итрината, претпазливоста и силата на локалното население во различни периоди на оружени спротивставувања со властите. Името на ајдучката чаршија потсетува на тие дамнешни времиња на пркос и непокор. Револуционерната дејност во Кратово започнала многу рано. Легендарен е споменот за големиот и храбар интелектуалец Јосиф Даскалов од Кратово и неговиот живот и дело. Родум од Кратово е и преживеаниот од Гемиџиите – големиот македонски револуционер Павел Шатев.
Во градскиот музеј на Кратово, кој се наоѓа во една од старите куќи во градот, можат да се видат значајни артефакти од археолошките локалитети од регионот. Под музејот се наоѓаат старите зандани и тунели. Општината Кратово во 21 век располага со огромен туристички потенцијал не само од градот туку и во неговата околина. Во општината се наоѓаат и Куклица, Цоцев Камен, Шопско Рударе и други локации што претставуваат вистински туристички атракции.
Во Кратово постои и едно од најавтентичните туристички сместувања во регионот, етнокуќата Шанчева, стара повеќе од 300 години. Повеќе информации за музејот, сместувачките капацитети, храната и угостителските објекти, другите знаменитости и занимливости и туристичкиот потенцијал на Општина Кратово ќе можете да дознаете од нашиот следен документарен филм. Старите записи за Кратово на неколку јазици можат да се прочитаат во книгата „Зборник за Кратово“. Во Кратово работат неколку домашни туристички водичи што со задоволство ги пречекуваат туристите, кои во изминатата деценија доаѓаат од целиот свет.
Кратово е еден од најстарите градови во светот. За Кратово пишувале многу патописци, научници, писатели, странски и роднокрајни автори. Кратово воодушевува со својата автентичност, која привлекува сѐ повеќе туристи и научници. Зачуваните градби, куќи, мостови, кули, рударски окна, тунели и цркви претставуваат не само значајни културни туку и големи економски ресурси.
Градот на древното рударство, златото и алхемијата е населен врз прастар вулкански кратер. Овде легендите и преданијата за минатото, силни како и градбите на старите мајстори, издржале низ вековите. Посетете го Кратово, градот што е жив сведок на македонската традиција и култура.
продолжува
М-р Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)

































