На Балканот сѐ почесто се игнорира кодексот на облекување во училиште, како е во Македонија?
- Во основните и во средните училишта во Македонија постои кодекс на облекување до кој учениците и вработените мора да се придржуваат. Тој е во рамките на општите правила за однесување во училиштата и важи за сите ученици од прво до деветто одделение. Исто е и во средните училишта, учениците мора да се придржуваат до кодексот на облекување. Па така, мини-здолништа, голи рамена, кратки шорцeви, непристојна шминка и фризура не се толерираат
Неодамнешниот инцидент на Медицинскиот факултет во Белград, кога ученик беше повреден затоа што носеше навивачка маица, повторно го актуализира прашањето за кодексот на облекување во училиштата во регионов.
Во училиште како во диско
Голи стомаци, пирсинг, мини-здолништа, бермуди, вештачки нокти и трепки, шминка, или накратко „облека“ како да одиш на плажа или како да излегуваш, се секојдневна слика во многу средни училишта. И додека порано беше незамисливо некој да дојде во училиште во тренерка, денес тоа стана дрес-код. За да може пристојната облека повторно да стане ин во училиштето, Тринаесеттата белградска гимназија воведе дрес-код пред две години.
– Забрането е да се доаѓа непристојно облечено, што значи – во шорцеви или бермуди, мини-здолништа, хеланки, тренерки, кратки маички што го откриваат стомакот, маички со прерамки. Учениците што доаѓаат на училиште облечени непристојно, прво ќе бидат предупредени двапати, а потоа ќе им се намали оценката во управувањето – пропиша училиштето. Ова известување и постер за кодексот на облекување предизвикаа бурни реакции во јавноста. Повеќебројни беа оние што поддржуваат дека на училиште мора да се доаѓа облечен пристојно. Иако за многумина е чудно што тренерката беше на забранетата листа, па токму тоа беше причината да се реагира.
Иако враќањето на униформите во училиштата беше најавено неколкупати, сè остана мртва буква.
Во Србија состојбата е алармантна
Две третини од учениците доаѓаат на училиште во тренерки. Не личи на ништо. Не знаете дали сте на тренинг или на натпревар. До пред пет години беше незамисливо некој да дојде на училиште во тренерка. Ќе бидат дозволени качулки со дуксери, но качулката не може да се стави преку главата. Не ја разбирам реакцијата само затоа што бараме од некого да биде пристојно облечен, реагира наставникот Бојан Вучковиќ.
Наставниот кадар во Србија реагира дека не е проблем само гардеробата.
– Не смеете да доаѓате во училиште со премногу долги нокти, премногу шминка, во мини-здолништа. Ако се случи девојките да изгледаат така, родителите треба веднаш да бидат информирани. Ако тоа не помогне, ќе бидат отстранети од час сè додека не се однесуваат добро. Не можеме да дозволиме да изигруваат вамп-жени во училиште. Професорите треба да им покажат на учениците што е пристојно облекување, а не самите да доаѓаат со деколте или на друг несоодветен начин – смета Милорад Антиќ, претседател на Форумот на средни стручни училишта во Белград. Училиштата дури имаат право да ги отстранат учениците што не се придржуваат до утврдениот кодекс на облекување од час и да ги испратат дома за да се облечат соодветно, а наставниците го евидентираат отсуството на ученикот како неоправдано.
Како се облекуваат учениците во Скопје?
Со слични ситуации се соочува и наставниот кадар во Скопје. Велат дека иако не често, сепак има исклучоци на непристојно облекување на училиште. Најчесто, учениците носат тренерки, хеланки, шроцеви во летниот период и маички што ги откриваат стомаците.
Денешната мода кај учениците се широки панталони што се влечат и хеланки и кратки маички што ги откриваат голите стомаци. Момчињата носат широки тренерки со високо кренати бели чорапи, додека девојчињата сакаат да носат хеланки со маички со кратки стомаци. Маичките најчесто ги кријат под дуксери, кои ги откопчуваат или ги соблекуваат за време на одморите, бидејќи во училиштата не смеат да бидат така облечени.
И најчесто таквите модни „инциденти“ се евидентираат кај учениците од поголемите одделенија во основните училишта.
Факт е дека екстреми секогаш имало, но главно, таквите случаи, според нашите соговорници, секогаш се средуваат со разговор и укажување.
Во основни училишта во три општини во Скопје е задолжително носење униформа
Во основните и во средните училишта во Македонија постои кодекс на облекување до кој учениците и вработените мора да се придржуваат. Тој е во рамките на општите правила на однесување во училиштата и важи за сите ученици од прво до деветто одделение. Исто е и во средните училишта, учениците мора да се придржуваат до кодексот на облекување. Па така, мини-здолништа, голи рамена, кратки шорцeви, непристојна шминка и фризура не се толерираат.
Но каква е состојбата во пракса? Дали е голем бројот на ученици што не го почитуваат кодексот, па се облекуваат како што сакаат?
Во обид да дознаеме како се облекуваат нашите ученици, разговаравме со повеќе наставници и директори на основни и средни училишта во Скопје. Од разговорите дознавме дека нема инциденти со непристојно облекување или ги има во незначително мал број, а тоа се средува со разговор. Тие ученици што го нарушиле кодексот на облекување биле предупредени, им било укажано дека не треба да се облекуваат така и повеќе не ја повториле грешката. Тие инциденти се најмногубројни во одделенијата кај осмоодделенците и кај деветтоодделенците.
Од разговорите дознавме и дека сите поддржуваат носење униформи, најчесто заради намалување на класните разлики, но и заради тоа што носењето униформи е добро за имиџот на училиштето, но и за безбедноста на учениците, особено на оние помалите.
Задолжително носење униформи на територијата на Скопје има во основните училишта во општините Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода.
Во Карпош и во Ѓорче Петров нема бесплатни униформи.
Директорката на ООУ „Григор Прличев“ во скопската населба Железара, Александра Петковска Анастасов, смета дека униформите се воведени заради намалување на социјалните разлики меѓу учениците.
– Униформите се воведоа заради намалување на социјалните разлики меѓу учениците. Со носење униформа сите ученици изгледаат еднакво, се чувствуваат како дел од заедница – истакна таа.
Директорката на ООУ „Лазо Ангеловски“ во Аеродром, Магдалена Петреска има сличен став како и Анастасов. Смета дека идејата е сите да бидат исти и да нема класна нееднаквост меѓу учениците.
– Првично е да бидат сите исти и да бидат облечени така како што треба, во согласност со кодексот на облекување. Да не се гледа класната нееднаквост на учениците, но и да се знае нивната припадност – вели Петреска.
Во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во општината Карпош нема униформи. Наставничката Даниела Геркоска смета дека униформите се одлични, но доколку се бесплатни за учениците.
– Одлично е да имаат униформи, тие се практични и децата се унифицирани. Но треба да ги има во доволно количество, децата да можат да ги менуваат. Најчесто со кратки шорцеви знаат да се облечат во осмо и во деветто одделение, но во летните месеци кога во училиштата е претопло, а знаеме дека нема клими во училиштата – вели таа.
Според неа, до петто одделение вакви инциденти воопшто и нема.
Според директорката на ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“ во општината Карпош, Христина Антоноска, учениците го почитуваат кодексот на облекување.
– Сѐ зависи од родителите и од наставниот кадар. Ако наставниците се единствени, нема да има никакви отстапки. Носењето униформи е добро заради имиџот на училиштето. Ние сме имале униформи, но тоа е став на родителот. Мнозинството сме биле за носење униформи, но дел не биле за тоа. И ако родителите не поддржуваат носење униформи, детето не ги носи. Носењето униформи сепак најмногу зависи од наставникот. Имаме случај кога кај малите има облекување во пократко, бидејќи се мали и слатки – вели таа.
Во скопската општина Бутел, пак, бесплатни униформи добиваат само првачињата. Според одделенскиот наставник Мартин Поповски, учениците ги личи да носат униформи, особено затоа што придонесуваат за пристојно облекување на девојчињата од поголемите одделенија.
– Лани учениците добија гратис комплети и ги носеа. Но годинава ги надраснаа и не ги носат баш сите ученици. Не сакаат да си платат родителите за да добијат униформи. Инаку, да, јас секако сум за униформи кај учениците и наставниците. Униформите помогнаа да се облекуваат пристојно поголемите девојчиња. Си личи со униформи – вели тој.
Каква е состојбата во средните училишта?
Во средните училишта униформи нема, но според она што го дознавме од нашите соговорници, проблеми со начинот на облекување кај учениците нема. И тука, како и кај основните училишта, постои кодекс на облекување до учениците мора да се придржуваат.
Според директорот на средното училиште „Марија Кири Склодовска“, Дарко Спасев, во училиштето има кодекс за облекување според кој треба да се облекуваат и вработените и учениците.
– Генерално учениците се придржуваат до кодексот. Имало ситуации, меѓутоа тие биле ретки и тогаш сме им укажувале. Не можеме да ги вратиме бидејќи образованието е задолжително, но веднаш по укажувањето ситуацијата се средувала. Јас поддржувам воведување униформи, но тие да не бидат на товар на родителите туку да ги обезбеди градот – вели тој.
Учениците се пристојни и во средното училиште „Орце Николов“. Според професорката Маријана Георгиева Ристевска, учениците се придржуваат до кодексот на облекување, иако се случило да се забележи понекое „голо стомаче“.
– Учениците се придржуваат до Кодексот на облекување, не се случило да носат кратки шорцеви. Но сме имале случаи кога ученички носат кратки маички со голи стомаци, а над нив дуксер, па кога ќе излезат надвор од училиште ги соблекуваат дуксерите. Инаку, во училиштето се придржуваат, не носат маички на прерамки и се придржуваат до тоа. Сепак во голем дел зависи и од тоа како ќе се постави професорот. Јас сметам дека е убаво и дека треба да носат. Имавме иницијатива пред две години кога учениците требаше да носат поло-маички во боите на училиштето, но проектот пропадна затоа што беше финансиски товар на родителите. Ние работиме на тоа да се изнајде начин учениците да носат униформа, но да не биде на товар на родителите и, секако, да има повеќе парчиња – вели таа.
Според директорот на ДСУЕБ „Арсени Јовков“, Блерим Зекири, од септември е воведен кодекс на облекување и учениците мора да се придржуваат до него.
– Не ги примаме облечени како за на кафе. Сега ситуацијата е добра, учениците се облекуваат пристојно, инаку порано беше полошо. Најдобро е да бидат сите со училишни униформи, сите да бидат исти – вели тој.
Каква е состојбата во другите земји?
Во Велика Британија, училишната униформа е задолжителна во сите училишта, а учениците ја доживуваат како дел од почитувањето на традицијата, а не како застарен атрибут.
Во Италија носењето униформи не е задолжително, иако дел од приватните и државните училишта имаат воведено носење униформи. Помалите деца во првите одделенија и во градинките носат наметки над облеката со специфични бои за да можат да се разликуваат од другите ученици.
Во Грција нема носење униформи, освен во приватните училишта, а исто е и во Хрватска.
Задолжително носење училишни униформи нема ниту во САД. И во оваа земја, униформите се карактеристични за приватните училишта.
Учениците во Кина носат формална облека, составена од поло-маичка, џемпер, здолниште за девојчињата и панталони за момчињата и таквиот дрес-код е задолжителен.
Во Јапонија, униформата е попопуларна отколку во Англија. Има најмодерен дизајн, што го потврдуваат хероите од цртаните филмови и манга-стриповите.
Во Австралија носењето училишни униформи е задолжително. Секое училиште има свои униформи што ги носат учениците.



































