„Џинџуџе“ е прво дело за деца и млади на Ермис Лафазановски, а наедно овој автор е прв добитник на нововостановената награда за литература за деца „Оливера Николова“.
Лафазановски, по повод врачувањето на наградата „Оливера Николова“ за најдобар роман за деца и млади за 2025 година, на минатонеделниот настан изјави дека тоа признание за него претставува голема чест.
– Самото име на Оливера Николова предизвика интерес и поттик кај помладите, но и кај повозрасните писатели да продолжат да пишуваат за деца. Во овие времиња, всушност воспитувањето на децата е тоа што ни остана за да се спасиме од духовно пропаѓање во иднина. Од таа гледна точка, сметам дека секоја книга за деца дава огромен придонес кон нашата иднина – изјави Лафазановски.
Наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади е востановена на 11 март 2025 година, на денот на раѓањето на Оливера Николова – првиот без нејзино физичко присуство меѓу нас. Николова почина на 3 ноември 2024 година. На првиот конкурс пристигнаа 38 ракописи од 37 автори. Во најтесниот избор за наградата беше и романот „Сам во рој“ од Иван Дричко (псевдоним на Сашо Кокаланов). Членови на жирито што одлучуваше за наградата се: Оливера Ќорвезироска, Весна Мојсова-Чепишевска и Јагода Михајлова Георгиева, а илустрациите се на Здравко Гиров.
Во меѓувреме, „Арс ламина“ го распиша и вториот конкурс за наградата „Оливера Николова“, кој ќе трае до 11 јануари 2026 година. На него можат да учествуваат автори со необјавени романи (ракописи) за деца и млади во должина од два до пет авторски табаци (од 32 до 80 страници). Ракописите треба да се достават по електронска пошта на адресата [email protected], како Ворд или ПДФ-документ со назнака: За конкурсот „Оливера Николова“.
М.Т.

































