САД ѝ одобрија на Унгарија едногодишно изземање од санкциите насочени кон руската нафта и гас, по средбата меѓу унгарскиот премиер Виктор Орбан и претседателот Доналд Трамп.
По средбата со Трамп, Орбан посочи дека Унгарија обезбедила „општо, неопределено ослободување“ од купување руска нафта и природен гас преку своите два главни цевководи.
Официјален претставник на Белата куќа ја потврди одлуката, истакнувајќи дека, покрај ослободувањето од санкциите, Будимпешта се обврзала да купува американски течен природен гас (ЛНГ) со договори вредни околу 600 милиони долари.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, подоцна објави на Икс дека Будимпешта добила „целосно“ и неограничено ослободување од санкциите за нафта и гас“, иако официјални лица од Белата куќа потоа појаснија дека тоа е ограничено на една година.
Орбан аргументираше дека на Унгарија ѝ е потребна руската енергија за да ја поддржи својата економија и народот, особено бидејќи многу европски земји сè уште купуваат од Русија. Трамп изрази разбирање за ситуацијата на Унгарија, истакнувајќи го тоа што земјата нема пристап до морски пристаништа што би го олесниле увозот на енергија од други региони.
Од почетокот на конфликтот во Украина, Унгарија продолжи да се потпира на руската енергија, што доведе до критики од сојузниците во Европската Унија и НАТО. Извештаите покажаа дека во 2024 година, Унгарија зависела од Русија за 74 отсто од својот гас и 86 отсто од нафтата, што предизвикува загриженост за потенцијалните економски загуби доколку ЕУ го запре рускиот гас.


































