Фото: ЕПА

ТЕНИС

Трката за првото место на ранг-листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) се интензивира, откако сегашниот број еден, Карлос Алкараз, загуби во три сета од Камерон Нори на мастерс-турнирот од серијата 1.000 во Париз. Јаник Синер сега ја контролира ситуацијата, па ќе се врати на првото место на ранг-листата ако ја освои титулата во Париз, пишува АТП. Синер беше светски број 1, но Алкараз ја презеде таа позиција по гранслем-турнирот САД-опен. Ако Синер првпат ја освои титулата во Париз, тој ќе се врати на првото место една недела, пред да му ја предаде на Алкараз пред финалето АТП-сезоната, каде што ќе ги изгуби 1.500-те поени освоени со победата во ланското финале.
Поразот на Алкараз од Нори, со кој заврши неговата серија од 17 победи на мастерс-турнирите од серијата 1.000, ќе има големо влијание и врз трката за првото место на крајот од годината на АТП, ако Синер ја заврши сезоната со освојување на Париз и одбрана на трофејот на АТП-финалето во Торино. Ако Синер го освои Париз, тој ќе има 1.050 поени помалку од Алкараз во трката во живо за листата на АТП, до Торино. Со оглед на тоа што ниту еден од играчите не закажал да се натпреварува една недела пред финалето на сезоната, ако Синер потоа слави во Торино втора година по ред, Алкараз ќе треба да освои 450 поени на АТП-финалето, за да ја заврши годината како број еден, а за тоа Алкараз ќе треба да стигне до финалето со барем една победа во групната фаза или да остане непоразен во групната фаза, пишува АТП. Н.М.