Фото: Принтскрин

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја повика Кина што поскоро да ги обнови синџирите за снабдување со критични суровини, пишува во соопштение објавено од Европскиот совет.

За време на состанокот на маргините на самитот на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН), Кошта му рекол на кинескиот премиер Ли Чијанг дека е загрижен поради тоа што Кина вовела ограничувања на извозот на критични суровини.

Тој рече дека Европската унија придава значење на „конструктивни и стабилни односи со Кина“ и оти е подготвена за унапредување на соработката со цел соочување со глобалните предизвици.

Кошта разговараше со кинескиот премиер и за руската инвазија на Украина, при што го изрази очекувањето на ЕУ дека Кина ќе помогне во ставањето крај на војната. Тема на разговорот меѓу Кошта и Чијанг биле и односите меѓу ЕУ и Кина.

– Разговаравме за билатералните односи меѓу ЕУ и Кина, како и за мултилатералните и глобалните прашања. Ја нагласив потребата за постигнување конкретен напредок по Самитот ЕУ-Кина, особено за ребалансирање на трговските и економските односи – се наведува во соопштението.