ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП
- Наместо типичен меч на кој се води рововска битка за мала предност и се чекаат грешки, овој пат видовме многу оган на таблите, но и многу неочекувани варијанти и пресврти, вели капитенот на Алкалоид, ВМ Богдановски
Петта победа во низа за шахистите на Алкалоид во петтата рунда од Европскиот клупски куп (EKK) во шах, кој се одржува на грчкиот остров Родос, но овој пат над актуелниот европски првак Нови Бор од Чешка. Минатата година македонскиот клуб имаше одличен настап без пораз во седумте кола, при што во два наврата ремизира, но тоа не беше доволно за првото место. Еден од тие два нерешени меча беше токму со Нови Бор, кој потоа стана европски првак, а Алкалоид го освои второто место. Победата со 4-2 извојувана во петтото коло ги отвора вратите за македонскиот клуб повторно да игра за медал и на ова 40-то издание на турнирот, на кој ќе се круниса и новиот европски екипен шампион во шах, пишува ШК Алкалоид.
– Големото дерби денеска привлече и големо внимание. Сите очекуваа нешто посебно и навистина се случи тоа. Наместо типичен меч на кој се води рововска битка за мала предност и се чекаат грешки, овој пат видовме многу оган на таблите, но и многу неочекувани варијанти и пресврти – вели ВМ Влатко Богдановски, капитен на интернационалниот состав на ШК Алкалоид.
Арјун Еригаиси (2.773), кој е четврти на светската рејтинг-листа, прв повлече изненадувачка варијанта, со што партијата дојде во зона за решавање уште пред да се изиграат 15 потези. Винсент Кејмер (2.755) се обиде да го зароби противничкиот ловец на полето А8. Германскиот шахист игра во животна форма и беше полн со самодоверба, но Еригаиси направи диверзија: креираше ситуација на спротивната страна на таблата, а кога се расчисти маглата, противникот остана со загрозен крал, па победата за Еригаиси лебдеше во воздух. Ји Веи (2.754) одигра суперподготвено, затворена руска одбрана и технички ги неутрализира белите фигури на Сантош Гурјрати Видит (2.716). Иако ремизираа, партијата беше со голема тензија, а во еден момент беа одиграни дваесетина потези во две минути!
На третата и на четвртата табла се повторија дуелите од 2024 година, но играчите имаа спротивна боја на фигурите. Јангји Ју (2.720) се надигруваше со искусниот Пентала Харикришна (2.697), кој имаше подобрен рејтинг во однос на лани. Играчот на ШК Алкалоид му понуди жртва на фигура, но противникот ја одби. Кога сите контрашанси на противникот беа соборени, црниот крал страдаше во далечна фаза, што беше втора победа за тимот на првите две-три табли. Читамбарам Аравинд (2.711) со црни фигури против Давид Навара (2.656) одлучи да контрира со ризична модерна варијанта на сицилијанската одбрана. Притоа жртвуваше пешак, потоа уште еден, а во завршницата влезе со голем ризик, но активноста му донесе заслужено реми.
Со големото водство остварено на повисоките табли, потребно беше победата да се завери со дополнителен поен на последните табли. Велимир Ивиќ (2.628) се соочи со изненадувачка линија уште од четвртиот потег во дуелот со новиот играч во противничкиот тим, Нилс Гранделиус (2.645). Поради тоа потроши многу време и беше под закана од цајтнот, но остана да игра последен и прокнижи уште едно борбено реми. За разлика од него, Абиманју Пураник (2.615) играше во блага дефанзива со Давид Антон Гихаро (2.631), не западна во временски проблеми и со сигурна игра дојде до реми.
На вториот меч, во кој се сретнаа четвртиот и првиот носител на турнирот, Супер чес и Бајеган Пендик, романскиот тим, исто така, извојува победа со 4-2 над фаворизираниот суперсостав од Турција, па во шестото коло ќе игра директен дуел со Алкалоид, како единствени два тима со по 10 бода, односно со стопроцентен успех во досегашниот дел на турнирот, пишува ШК Алкалоид. На втората табла ќе играат двата тима што имаат по девет бода, Туркиш ерлајнс и Нагиканижаи. Г.И.
Македонското дерби за Центар АСЕЕ
Македонското дерби во петтото коло на 29. Европскиот клупски куп (ЕКК) за шахистки на Родос (Грција), помеѓу Центар АСЕЕ (2.129, рангиран деветти пред почетокот на ЕКК) и Гостивар (1.999, рангиран 14.), му припадна на Центар АСЕЕ со 2,5-1,5. Победи остварија ЖВМ Белослава Крастева (2.316) на првата и ЖВМ Викторија Радева (2.292) на втората табла на дуелите со ЖФМ Патрицие Најманова (2.045) односно со ЖФМ Петја Караиванова (1.951). На третата табла загуби ЖФМ Ивана Манова (2.010) од Ксенија Томиќ (1.936), а на последната табла Катерина Петровска (1.879) го подели поенот со Аница Андоноска (1.813).
Во претпоследното, шесто коло, Центар АСЕЕ вчера играше со силниот францускиот клуб Шартре ечес (2.326, рангиран седми), а Гостивар се сретна со последнорангираниот, грчкиот претставник, Ипотис (1.813, 20-ти).
Во конкуренција на 20 клуба со 92 шахистки од 13 држави (11 ВМ, седум ЖВМ, 20 ИМ, 12 ЖИМ, еден ФМ, 10 ЖФМ), Центар АСЕЕ по пет кола е 11-ти со пет бода (10 поени по табли), а Гостивар 18-ти со два (8,5). И понатаму прв е Монте Карло (2.490, прв) со максимални 10 бода (15), пред Сирмиум Сремска Митровица (2.409, петти) со осум бода (14,5), колку што има и ланскиот победник, Тајфун (2.455, трет), но со 14 поени по табли. Г.И.
ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
Македонија поуспешна на дуелот со Кенија
Македонската репрезентација (1.799 рејтинг-поени, рангирана 26-та пред почетокот на турнирот), во четвртото коло на втората Шаховска олимпијада (ШО) за лица со попреченост што се игра во Астана (Казахстан), ја оствари првата екипна победа, со 2,5-1,5 на дуелот со селекцијата на Кенија (1.571, рангирана на 32-то место).
Цел поен освоија Зоран Костадиновски (1.861) против Мунене Клинтон (1.400) на втората и Јанчо Ѓорѓевски (1.746) против Рони Отиено (1.480) на третата табла. На првата табла Жарко Селковски (1.936) со бели фигури ремизира со Клемент Михесо (1.724), а на четвртата табла Марија Арсова (1.653) загуби од Мерси Чероно (1.678). Костадиновски и понатаму е најуспешен македонски шахист со три поени од четири партии (по две победи и ремија).
Во вчерашното, петто коло македонскиот состав играше со Аргентина (1.998, 12-та). Македонија по ова коло е 25-та, со три екипни бода (шест по табли), а со по максимални осум бода водат Полска и првата селекција на ФИДЕ. На ШО има 157 учесници (два ВМ, 17 ИМ, еден ЖВМ, 14 ФМ, два ЖФМ), се игра на четири табли, а на четвртата табла задолжително игра шахистка. Г.И.




































