Фото: Горан Анастасовски

Благоја Ацковски, познат како Бале Брзи, беше вистинска атракција на завчерашниот „Скопски маратон“. Тој трчаше во народна носија и ги привлече погледите и на публиката и на фотографите.
Го прашавме какво беше искуството да трча цели 42 километри во носија и што го иницирало да облече традиционална македонска облека токму за маратон.
– Редовно сум на трки и секако на „Скопскиот маратон“ и изминатите години имаше неколку поединци облечени во Супермен, Бетмен, разни суперхерои, имаше во костум, па си реков зошто јас да не го истрчам во носија. Сакав да трчам во некоја од источниот крај, ама од фолклорното друштво „Никола Јонков Вапцаров“ ми предложија да земам скопска носија, затоа што е полесна, поточно горнолисичка носија. И со оглед на временските услови, односно што беше посвежо, не беше проблем да го истрчам, дури на крајот веќе ми стана топло. Ама уживав во целата трка, публиката ме бодреше, ми даваше мотивација плус за трчање. По завршувањето многу сакаа да се сликаат со мене, ме застануваа, ми честитаа, едноставно беше хит. Прекрасно доживување ми беше целото искуство со трчањето во народна носија – ни сподели Бале Брзи.

Фото: Горан Анастасовски

Бале Брзи има 72 години и трчаше маратон, односно 42 километри. Од 358 учесници на маратонот заврши на 152. место. А во својата категорија, над 70 години, го освои второто место. Финишираше за 3 часа и 59 минути.
Бале ѝ е познат веќе на трчачката фела. Тој е редовен на планинските трки, на планините и на друмските трки. Но освен што веќе со години го одржува континуитетот во трчањето, исто така редовно во својата категорија е најбрз.
Тренирал атлетика во АК Вардар и АК Работнички во 1970-1972. По пауза од 40 години, поточно на 59 години станува планинар. На 63 години почнува повторно да трча на кеј и на Водно. Ги има искачено речиси сите планини во Македонија.
Вели дека годините не му се пречка за спортска активност, туку мотивација. Постојано е активен, редовно трча на кеј, вози велосипед, трча на Водно и еднаш неделно е на планина. Има постигнато одлични резултати и на градски трки од пет километри и на маратонски трки. Во Македонија нема конкуренција во неговата категорија. Всушност, конкуренција му се оние што се 10-20 години помлади. Тој потенцира дека исхраната му е многу важна за здравјето и внимава што јаде. С.Ј.