Фото: Маја Јаневска-Илиева

Зајакнувањето на заедничката европска одбранбена подготвеност и на поддршката на ЕУ за Украина ќе бидат главни теми за дискусија на денешната неформална средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската Унија во Копенхаген.

Домаќин на неформалниот Самит на ЕУ на кој ќе учествуваат и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е данската премиерка Мете Фредериксен.

Според најавата, на Самитот лидерите на ЕУ ќе разговараат за зајакнување на одбраната на Европа во услови на неодамнешните упади во воздушните простори на неколку земји членки на Унијата од страна на руски дронови и воени авиони.

– Овие провокации дополнително ја покажаа потребата за забрзување и интензивирање на напорите на ЕУ за изградба на Европа која ќе биде способна ефикасно, автономно и заеднички да одговори на сегашните и идните закани. ЕУ е посветена решително да ја зголеми својата одбранбена подготвеност до 2030 година и во последните неколку месеци презеде брзи мерки за да ја постигне оваа цел. Ова вклучува мерки за зајакнување на нејзините одбранбени капацитети, зголемување на финансирањето во одбраната, развој на својата индустриска база и создавање можности за заеднички набавки во целосна кохерентност со НАТО – се наведува во најавата за Самитот.

Во поканата до лидерите на земјите членки на ЕУ за учество на Самитот, Кошта наведе дека Унијата не само што треба да инвестира повеќе во одбраната, туку тие инвестиции треба да бидат поефикасни и рационални, вклучително и преку заеднички алатки, како што е инструментот Безбедносна акција за Европа (САФЕ).

– Секое евро треба да ја зајакне нашата заедничка безбедност и стратешка автономија. Тоа е поврзано со зајакнување на европската одбранбена индустрија, поттикнување на иновациите, зголемување на конкурентноста и создавањето работни места. Исто така, треба да ги искористиме лекциите од војната во Украина, вклучително и преку зајакнување на соработката со украинската одбранбена индустрија, потпирајќи се на нејзиното уникатното искуство – наведе Кошта.

Тој натаму додава дека лидерите мора да се фокусираат на конкретни чекори за зајакнување на одбранбените капацитети и на очекувањата од ЕУ и од земјите членки за остварување на целта за зголемена безбедноста подготвеност до 2030 година.

Кошта предлага дискусија на лидерите да биде насочена кон побрзо остварување на поставените цели во одбраната, поддршката за источното крило на ЕУ, како и кон обезбедување ефикасен политички надзор и координација.

 

Се очекува оваа дискусијата да им даде насоки на Европската комисијата и на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедноста политика околу изработката на нивниот Патоказ за следните чекори во спроведувањето на целите за зајакнување на одбранбената подготвеност на Унијата, кој според најавите треба да биде презентиран на Самитот на ЕУ во Брисел предвиден за 23 и 24 овој месец.

Покрај за европската одбрана и безбедност, лидерите на ЕУ ќе разговараат за понатамошната економска, воена и политичка поддршка за Украина на сигурен и предвидлив начин, како и за напорите за постигнување праведен и траен мир.

– Нашата безбедност е поврзана со безбедноста на Украина. Во Копенхаген, би сакал да разговараме и за тоа како понатаму да ја поддржиме Украина и да постигнеме праведен и траен мир – наведе Кошта во поканата.

Според Кошта, за да и помогне на Украина да постигне праведен и траен мир, ЕУ треба да продолжи да ги поддржува украинските вооружени сили, како примарна гаранција за суверенитетот и безбедноста на земјата, истовремено зголемувајќи го притисокот врз Русија, вклучително и преку засилување на санкциите.

– Процесот на пристапување на Украина во ЕУ, исто така, мора да остане на вистинскиот пат. И покрај војната, реформските напори на Украина беа извонредни. Мора да се осигураме дека овој моментум ќе се одрази во вистински чекори кон пристапување – додава Кошта во поканата.

Тој натаму додава дека овие две теми – европската одбрана и Украина – ќе бидат и едни од главните теми на заседанието на Европскиот совет на 23 и 24 октомври, кога, како што наведува Кошта, ќе бидат формализирани дискусиите од денешната средба во Копенхаген.

Неформалните заседанија на Европскиот совет се собири на лидерите на земјите членки на кои не се носат никакви одлуки, туку само се дискутира за теми поврзани со општата соработка во ЕУ и за актуелните политички прашања.

Инаку, лидери на ЕУ утре, исто така, во Копенхаген ќе учествуваат и на состанокот на Европската политичка заедница, на кој ќе им се придружат шефовите на држави или влади на сите останати европски земји, со исклучок на Белорусија, Ватикан и Русија, како и високи претставници на НАТО, ОБСЕ и Советот на Европа.