Фото: Емануел Макрон (твитер)

Францускиот претседател Емануел Макрон во во обраќањето пред Генералното собрание на ОН повика на „ефикасен мултилатерализам“ и предупреди дека не смее да се дозволи да „надвладее себичноста на малкумина“.

– Живееме во парадоксален момент во кој повеќе од кога било ни е потребно да го обновиме духот на соработката кој преовладуваше пред 80 години – рече францускиот претседател, мислејќи на времето на создавањето на ОН.

Во дебатата на Генералното собрание, Макрон предупреди на „ризикот да надвладее законот на посилниот и себичноста на малкумина“.

Францускиот претседател речиси 30 минути во Њујорк го бранеше „ефикасниот мултилатерализам“. Според него, „најжестоките критичари“ на ОН се исто така оние „кои сакаат да ги променат правилата на играта бидејќи сакаат да воспостават доминација и повеќе се заинтересирани за создавање поделби во светот отколку за наоѓање компромиси потребни за општото добро“.

Во својот говор Макрон исто така ги оправда своите дипломатски напори за поддршка на Украина и признавањето на палестинската држава, што го најави еден ден претходно од истата говорница.

– Токму затоа што ги одбиваме двојните стандарди, Франција ќе стои рамо до рамо со Украина, исто како што стоиме за мир на Блискиот Исток – рече Макрон.

Тој го поздрави тоа што Доналд Трамп го смени мислењето дека Украина може да си ја врати целата територија што Русија ја освои од почетокот на инвазијата. Трамп, кој вчера се сретна со украинскиот лидер Володимир Зеленски во Обединетите нации, претходно изјавуваше дека и Киев и Москва ќе мора да се откажат од дел од територијата за да се заврши војната.

– Ме радува да видам дека американскиот претседател верува во способноста на Украина не само да опстане, туку и заедно со нас да ги оствари своите права – изјави Макрон од говорницата.

Тој повика и на проширување на Советот за безбедност на ОН, кој се состои од 15 членки, од кои пет се постојани со право на вето – Франција, САД, Велика Британија, Кина и Русија.

– Знам колку има фрустрации, поттикнати од нееднаквото претставување на државите – рече францускиот претседател, повикувајќи на реформа на Советот за безбедност, со посебна цел за подобра интеграција на африканскиот континент.

Макрон го заврши говорот со повик за дејствување.

– Наша должност е да станеме и да продолжиме да дејствуваме заедно – повторувајќи го зборот „дејствуваме“ неколку пати.