За прв пат во историјата, дрон испорача вакцини на тешко достапен регион на остров во Пацификот. Уницеф искористи дрон кој помина околу 40 километри над високи планинински врвови на островите Вануату за да достави вакцина неопхода за мало бебе, пренесува „Би-би-си“. Револуционерниот начин на доставување со дрон заштедил неколку часа за дистрибуција на вакцините.
Островот Вануату во Јужниот Пацифик се соочува со сериозни проблеми со вакцинирањето и околку 20 отсто од децата во оваа земја не добиваат соодветна имунизација поради тоа што доставата на вакцините е многу тешка. Детската организација на Обединетите нации се надева дека во иднина, доставите со дрон би биле од витално значење за обласитите кои се тешко достапни.
– Лесен лет за дронот, голем скок за глобалното здравство. Додека во светот сè уште постојат сериозни проблеми со имунизација на децата во региони кои се тешко достапни, доставувањето на вакцини со дрон ноже многу да промени и сите деца да добијат соодветна вакцина – изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Фор.
Иако ова не е прв случај во светот каде што дронови биле користени за да се достават различни типови на лекови, од УНИЦЕФ велат за првпат некоја земја во светот искористила услуги на комерцијална компанија за дронови.
Дронот ги пренел вакцините во кутија од стиропор полна со мраз и систем за мерење на температурата во тешкодостапното село Ероманго, а потоа тие биле искористени за да се имунизираат 13 деца и 5 бремени жени во местото во Вануату. Локацијата е достапна само пеш или со брод и би било потребно неколку часа да се стигне до него, а на дронот му биле потреби само 25 минути да допатува до селото.
Вакцините и сличните медицински материјали треба да се чуваат во кутии со мраз, па така тие многу тешко се пренесуваат преку реки, планини и на дождлив терен. Медицинските лица кои работат на имунизација во овие делови од светот се согласуваат дека новоприфатениот начин на дистрибуција на вакцини ќе помогне тие да се достават на многу други места во светот кои се тешко достапни.