Фото: МИА

Поранешните медицински и економски директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехад Нухи, не постапувале во интерес на јавната установа и на пациентите, туку во свој личен интерес и во интерес на приватни компании, и со своите дејствија ја злоупотребиле и поткопале довербата во здравствениот систем и јавниот интерес, изјави обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, во воведен говор за случајот „Онкологија 2“.

Гоговска Јакимовска, пред Судот, нагласи дека Клиниката за онкологија е специјализирана за третман на најтешките пациенти со малигни болести каде обвинетите не ги прикажувале реалните медицински потреби и не ја следеле процедурата за јавни набавки под изговор дека постапувале во интерес на пациентите на кој начин ги извршувале кривичните дела.

-Обвинителството ќе докаже дека со незаконски јавни набавки на лекови, без согласност на ФЗО и со злоупотреба на службената положба обвинетите предизвикале штета на Буџетот од над 2,2 милијарди денари. Со злоупотреба на системот на реверси, без правна основа довеле во заблуда државни институции и овозможиле противправна корист за повеќе фармацевтски компании. На тој начин ФЗО бил доведен во заблуда дека се работи за законски обврски – изјави Гоговска Јакимовска.

Обвинителството, нагласи Гоговска Јакимовска, во текот на постапката ќе изведе материјални докази, финансиски извештаи, документација од јавни набавки и сведочење на службени лица, со кои ќе се потврди дека обвинетите не постапувале во интерес на јавната установа, туку во свој личен интерес.

Кривичниот суд во јуни годинава го одобри обвинението против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехад Нухи, за злоупотреби, измама и проневера во службата од 2018 до 2022 година. Според обвинението, тие незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле буџетот за речиси 36 милиони евра. Васев е обвинет и во друг предмет за несовесно лекување на пациенти на клиниката.

Во обвинителниот акт стои дека кривичното дело „злоупотреба на службената положба“ обвинетите, медицински и организациски директори, го извршиле со пречекорување на границите на своето службено овластување и не ја извршиле својата службена должност во постапките за набавка на лекови, постапувајќи спротивно на Законот за здравствената заштита, Закон за здравствено осигурување, Статутот на Клиниката, Законот за буџетите и Законот за јавни набавки. Со овие дејствија тие прибавиле значителна имотна корист за друг и нанеле штета на Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од над 2,2 милијарди денари.

Исто така, двајцата се обвинети за измама во службата бидејќи извршилe повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, така што во вршење на својата службена должност со намера за друг да прибават противправна имотна корист, создале противправна обврска и го довеле во заблуда Фондот за здравствено осигурување да изврши незаконита исплата. На тој начин прибавиле значителна корист за добавувачите на лекови во вкупен износ од над 430 милиони денари.

Воедно, обвинетиот медицински директор помогнат од организацискиот директор извршил и кривично дело – проневера во службата, бидејќи преку постапките за набавка на лекови набавил количина на лекови која имал намера да ја присвои, па откако со свој потпис ќе го препишел и одобрел лекот, дел од лековите фиктивно ги раздолжувал, односно не ги аплицирал на пациентите во чие име овие лекови биле требувани, па така постои разлика меѓу евидентирана требована количина за пациент и раздолжена количина за пациенти во износ од околу 2 милиони денари.

Покрај ова, против Васев и тројца лекари онколози се води уште еден случај Онкологија 1 за несовесно лекување пациенти. Васев и двајца обвинети Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, сите вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, пред Судот негираа вина, додека второобвинетата Мери Пешевска призна вина, по што Судот ја раздвои постапка против неа и ќе треба да продолжи на 17 септември.


 

Васев и Нухи негираат вина за несовено работење и финансиски криминал на Онкологија

Одбраната на поранешниот медицински и економски директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и Нехад Нухи, тврди дека обвинението за случајот „Онкологија 2“ за несовено работење и финансиски криминал против нив е неосновано и политички монтирано врз основа на економско вештачење од лица кои се исто инкриминирани, наведувајќи дека станува збор за претходниот медицински и економски директор на Клиниката кои биле сменети од Васев.

Првообвинетиот Никола Васев, пред Судот рече дека не се чувствува виновен, дека цел живот 35 години работа на Онкологија и целта секогаш му била да се спасат човечки животи.

-Јас сум директор од 2017 година и имам наследено реверс од директор што јас го имам сменето и кој е потписник на вештачењето против мене во овој случај, а второто економско вештачење е потпишано од втората економска директорка што е разрешена на мое барање поради финансиски злоупотреби. Во обвинението одземени се шест месеци од мојот мандат каде може да се види што точно сум наследил, и како е намален долгот од 35 милиони на 30 илјади. Сакам да се види како успеавме наследените долгови и недостиг на лекови да го решиме со земање наводни реверси, за тоа да ни се земе како наводно сме направиле штета – изјави Васев.

Во однос на наводите од Обвинителството дека ФЗО бил доведен во заблуда, Васев рече дека треба да се види дека онколошките тендери ги правело Министерството за здравство, а Клиниката само го плаќала, укажувајќи дека одложувањето на тендерот од пет месеци во 2020 значело недостиг на лекови и терапија за пациенти.

Бранителот на Васев, адвокат Мартин Митревски, рече дека во текот на постапката пред Судот ќе бидат приложени материјалната докази од кои ако се толкува и применува право во ниту едно од преземените дејствија на обвинението не може да постојат и опстојат постоечките правни квалификации за кои се обвинети.

Нехат Нухи, пред Судот рече дека се чувствувам невин и истото ќе го докаже во постапката.

-Се чувствувам невин и тоа ќе го докажам. Мојата невиност ќе произлезе како од материјалните така и вербалните докази кои ги предлагаме и изведеме, пред се економското материјално вештачење од кое на сите ќе им стане јасно колку пропусти има направено Обвинителството и зошто сите рокови го пробија и нивните Вештачења се неточни – изјави Нухи.

Адвокатката Анита Бегова, бранителка на второобвинетиот Нухи, во воведен говор рече дека се соочуваат со конфузно и нејасно обвинение, кое го оцени како политичко монтирано.

-Ова е монтирано политичко обвинение без докази. Денеска не сме тука да ја дознаеме вистината за недостигот на лекови, туку за двајца жртвени професионалци за прикривање на други одговорни на повисоко ниво – изјави Бегова.

Бегова, нагласи дека пред Судот одбраната ќе докаже дека набавката на лекови се одвивала во рамки на еден конфузен и често нефункционален и недоволно финансиран систем и дека постапувањето не било за обезбедување на личен интерес, туку за обезбедување на лекови без било каква кривична умисла.

Судот информираше дека одбраната денеска поднела писмено барање за изземање на вешто лице на Обвинителството.

Бегова, прес Судот рече дека вештиот наод е направен од вешто лице што ја извршувало истата функција пред Нехат Нухи и е исто инкриминирано.

Адвокатката пред Судот реагираше и на наводите од Обвинителството, нагласувајќи дека државен орган не може да се стави и држи во заблуда, зошто тој е должен сите докази да ги спроведува и врши контроли. -Фондот вршел во овој период контроли и никогаш не нашол ништо инкриминурачки, изјави Бегова.

Бегова, исто така, реагираше и тоа дека второобвинетиот се товари дека му помагал на Васев за нанесување штета на Клиниката. -Ако некому е шетата, тогаш некому е корист. Обвинетите немаат корист, до десетто колено се испитани и немаат ништо најдено. А, замислете направиле корист на веледрогериите со кои директно влегоа во фронт, посебно со веледрогериите Пановски со цел да се намалат цените на лековите за да со таков рестриктивен буџет имаат пациентите лекови, изјави Бегова.

Судењето продолжува на 16 септември со испитување на сведоци предложени од Обвинителството.