Древната лоза на Дион и новото сонце на слободата

Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

Фељтон на „Нова
Македонија“ според документарните
серии и филмови на продукцијата
„Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

Првите активности на лозјата во текот на зимата за посветените во древните учења и мистерии несомнено потсетуваат на периодот пред големите мистерии на Дион, кои се одржувале напролет. Лозата е свето растение кај многу древни народи, а виното има сакрално значење и мистична улога во животот на повеќе архајски цивилизации. Самата обработка на лозјето, бербата на грозјето, приготвувањето на виното и првото пиење на младото вино се тесно поврзани со „оној“ свет, односно со предците. Лозата означува почеток, но и крај, што ја прави симбол и на животот и на смртта. Кога лозарот го работи лозјето, се грижи за идните поколенија, а народните споредувања на човекот со лозовите гранки можеме да ги разбереме многу јасно од старата приказна за браќата, лозјето и прачките. Древниот македонски празник Ксантика го претставува будењето на природата, односно враќањето на Деметра и Дион на земјата, симболично претставени преку лебот и виното. Подготовките за дочекувањето на пролетната рамноденица започнувале уште во зимата.
Дион е оној што е роден двапати, од мајка, па од татко. Самото име Дион ни го потврдува истото што се памети од старите митови. Откако Семела, ќерката на Кадмо била заведена од Зевс, тој ја оплодил со неговата грмотевица, по што таа починала, а неродениот Дион бил сошиен во бедрото на Зевс, по што бил роден по вторпат. Бебето било однесено од Хермес во висините на планината Ниса за да биде чувано од него, Силен и нимфите во една тајна пештера. Според друг мит, Хера ги насаскала титаните да го распарчат роденото бебе Дионис, па откако го раскинале на парчиња, му останало само срцето (фалусот) – тоа било сошиено во бедрото на татко му за да биде роден одново. Лут на Титаните, Зевс ги сторил прав и пепел, од кој заедно со парчињата од телото на бебето Дион настанала човечката раса. Роден двапати, од татко и од мајка, и земен и небесен.

Фото: Тоши Трајчев

Во најраната епска поезија, Дион е споменат само четири пати кај Хомер и трипати кај Хесиод. Подоцнежните древни автори ги опишуваат традиционалните настани во македонската царска престолнина секоја Ксантика, но и митовите за Дион, како и тоа дека Македонците го славеле и наесен и напролет. Неговите следбенички – менади, клодонки, мималонки, биле посветени во Мистериите на Дион. Во такво учење во Додонската Шума пораснала и Олимпија, мајката на Александар. Кога далеку во шумите на Индија Александар ја пуштил извидницата на Агријаните да провери една стрмна планина, војниците се изненадиле од бршленот што го виделе на планината. Кога стигнале до градот скриен во шумата, луѓето што живееле таму зборувале слично на нивните „стари“ Македонци. На прашањето на Фалангата зошто не виделе бршлен од Вавилон до Индија, домаќините им одговориле дека се потомци на Дионис, кој пред многу време го донел бршленот заедно со нивните прадедовци дури до Индија. Дион е оној што „прв ја покорил Индија“, па затоа и во далечната индиска земја постои планина наречена Ниса. Според прастарите текстови на санскрит и индиските научници што ги проучуваат, Дион влегол во Индија на тигар, а реката Тигар го добила името по животното на кое јавал Дион. Древните артефакти од нашиот полуостров каде што Дион е претставен како јава тигар одат во прилог на запишаното во старите индиски списи. Митот за повторното раѓање на Дион несомнено потсетува на приказната за древниот бог Сканда Кумара, роден од татко му Шива на светата планина Кајлаш. Култот кон Сканда Кумара таму многу потсетува на култот на Дион овде, што ја потврдува поврзаноста на претпотопските цивилизации и ширењето на светлината од нашето тло и двата други свети големи центри – на Кајлаш и во денешна Јужна Америка низ целиот свет. Сканда на санскрит значело син, принц, односно син божји. Кумара е синоним на Сканда, а името на ова тамошно божество на војната потсетува и на Кандаон, богот на војната во Пеонија. Сканда Кумара е претставен како јава паун со копје во раката. „Оној што го носи копјето“ доволно потсетува на Александар, потомокот на Дион, кој со копјето си го пробива патот до обединување на човештвото и ширење на знаењето. Кога прашал во Индија уште колку има до столбовите на крајот од светот, му рекле дека тие биле видени од неговите предци Херакле и Дион, а биле срушени од големата вселенска војна. Она што Филип го имал како аманет од предците, го сторил син му Александар – Искандар. Како што култот на Сканда Кумара денес се поистоветува со култот кон Александар, така порано се поистоветувал со култот кон Дион. Александар, Искандар, Сикандар.

Раѓањето и повторното раѓање на Дион имале значаен дел во битот на древните Македонци. Ксантика е празнувањето на раѓањето на Дион. Неколку дена пред пролетната рамноденица, со ѕвона, инструменти, музика и песни ги посетувале и најмрачните места за да ги „потсетат“ ентитетите што престојуваат таму дека доаѓа Сонцето и треба да си заминат. Месецот пред рамноденица е периодот во кој младите воини ги вршеле последните подготовки пред да бидат примени во Фалангата. Празникот на есенската рамноденица е периодот кога го празнувале повторното раѓање на Дион, односно плодот од лозата – грозјето. Летната долгодневица е периодот по кој се „создава шеќерот“ во грозјето, односно грозјето зрее. Зимската краткодневица е периодот по кој се пробува првото младо вино, што во најтемните денови во годината претставува и укажување почит кон предците и семејната лоза.

продолжува

М-р Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)