Балканец на Купот на европските шампиони во Махачкала

Колев беше член на екипата што настапи во Купот на европските шампиони во Махачкала во 1973 година. Со Балканец освои повеќе поединечни и екипни титули во Македонија. Откако заврши со активно борење, стана меѓународен судија од највисока екс (ексепсионел) категорија

Стојан Колев-Словенецо (1)

Често се случува кога спортистите по завршувањето на кариерата, не можејќи да се одделат од спортот во кој станале препознатливи, да останат во него како спортски работници или, пак, да се определат за судењето. Еден од тие што се определија да ја делат правдата беше и поранешниот познат борач на штипски Балканец, Стојан Колев, кого неговите сограѓани го нарекуваат Словенецо. Кога се запознав со него пред многу години, малку ми беше чудно од каде Стојан Словенецо, кога знам оти немаше никаква врска со Словенија. Но вистината за неговиот прекар ја дознав токму од него.
– Како младинец со една група штипјанчиња бевме на летување во кампот на ДТВ Партизан во Охрид. Таму, по еден ден или два, дојде една група момчиња на наша возраст од Словенија. Во тоа време беше развиена соработката меѓу Друштвата за телесно воспитување или скратено ДТВ Партизан во цела Југославија, па, така, често се случуваше ние да одиме таму, тие да дојдат кај нас. Тоа беше време кога не се правеа никакви поделби според тоа кој од каде е и од каде доаѓа. Така, кога дојдоа Словенците уште пред да се сместат во шаторите, веднаш поставивме комуникација. Откако најважниот дел, сместувањето, беше завршен, водачот на словенечката група, кој веројатно претходно забележал оти мојот шатор е значително поголем од другите, а јас сум сам, ми пријде и ме замоли ако може во мојот шатор да се смести и едно момче од нивната група. Јас нормално се согласив и така добив цимер, но и нов прекар, Словенецо. Такво беше тоа време. Во поранешната држава се зближувавме со нашите врсници од другите југословенски републики, се спријателувавме, а тоа другарство потоа траеше долго. Ете, оттука се роди и мојот прекар. Инаку, подоцна во текот на летувањето, заедно одевме на плажа и така се создадоа тие нови пријателства. Од сето ова дружење, бидејќи имав цимер од Словенија, ми остана прекарот Словенецо со кој и ден-денес ме ословуваат не само штипјани туку сите мои пријатели и надвор од Штип. Мора да кажам оти и меѓу борачите, а особено судиите, сум познат, не како Стојан, туку како Словенец – ја почна приказната Колев.

Каде во друг спорт, ако не во борењето

Инаку, во Штип во минатото, впрочем како и сега, се практикуваа речиси сите спортови што беа застапени во поранешната држава. Младите најмногу, можеби и поради Брегалница, се определуваа за фудбалот, други одеа во кошарката, трети во одбојката, а тој со една поголема група момчиња стана член на боречкиот клуб Балканец.
– Ова не беше без причина. Напротив, имаше многу голема причина за сите нас да почнеме да тренираме во Балканец, кој беше име и презиме во македонското борење. Сите сакавме еден ден да станеме популарни како борачите. Во еден миг на колебливост, јас, сепак, одлучив и си реков борењето ќе биде мојот спорт. Така се најдов во рацете на мојот прв тренер Димитар Панов од кого ги научив првите боречки елементи – вели Колев.
И навистина овој спорт стана секојдневие во младоста на Стојан Колев-Словенецо. Тој со голема љубов влезе во спортот по кој Штип насекаде беше препознатлив.
– Желба ни беше само да продолжиме по патот на нашите претходници и да ги замениме оние асови што придонесоа за почетната афирмација на Балканец. Сите посакувавме да станеме квалитетни и популарни, на пример како првиот олимпиец Симеон Шутев или, пак, како Добре Маринков, кој на сите ни беше спортски идол. Неговите резултати, а и оние на клупските другари уште повеќе ја подгреваа желбата кај мене напорно да тренирам и еден ден да станам како нив – вели тој.

Незаборавен пат и настап во Махачкала

Балканец како шампион на Југославија во слободен стил имаше можност да учествува и во Купот на европските шампиони (КЕШ). Дури еден таков Куп се одржа и во Штип, што беше уште една потврда оти штипјани се многу поврзани со боречкиот спорт.
– Од сите доживувања како борач на Балканец во трајно сеќавање ќе ми остане настапот во Купот на европските шампиони во Махачкала, во 1973 година, во тогашниот СССР. Се сеќавам и на екипата, во која покрај мене беа уште Стојановски, Влахов, Киро Ристов, Читаковиќ, Цветанов, Шутев, Илиев и Арифов. Водач ни беше Фериќ, а лекар д-р Чанев. Сите ние бевме возбудени и со нетрпение го очекувавме заминувањето на завршницата на КЕШ. Но веднаш да кажам, патот не беше ни малку лесен. Имено, патувавме со воз со спална кола до Киев, оттаму заминавме со авион до Грозни, а оттука нѐ пречекаа домаќините, бидејќи Махачкала беше на 80 километри од аеродромот во овој град и со автобус нѐ превезоа до местото на настанот – раскажува Словенецо.
Но она што било интересно и малку збунувачко, тоа била сликата што се отворила пред нивните очи кога пристигнале до аеродромската зграда во Киев. Тука бил построен огромен кордон од униформирани лица, беспрекорно стегнати во своите униформи, како да е подготвен за настап на парада.
– Тоа беше нешто импресивно и величествено, не знаевме за што се работи. Уште повеќе бевме изненадени кога во целата зграда и надвор кон пистите беа наредени едно до друго југословенското и советското знаме. За сето ова време, додека се очекуваше главниот дел од церемонијата, воениот оркестар интонираше маршеви. На крајот од пистата, во очекување на гостите беше построена почесната стража, која го чекаше моментот кога треба да рапортира. Ова беше вообичаена процедура не само во СССР туку и во многу други земји кога во посета им доаѓаше некоја висока личност. Тие на ваков начин му оддаваа и почит на гостинот. И ние бевме во едно големо исчекување да видиме што ќе се случува подоцна и кој е тој висок државник? Конечно на пистата се појави и голем конвој од автомобили со кои всушност беше превезувана југословенската делегација, која на чело со Тито беше во посета на СССР и требаше од Киев да отпатува за Москва. Ете, го доживеавме и тој момент, кога без да знаеме за што се работи, на крајот дознавме оти сите тие почести се во чест на претседателот Тито и неговата придружба. Инаку, во Махачкала во конкуренција на прваците на Германија, Шведска и на СССР (Динамо – Москва) го освоивме третото место и не се пласиравме за финалниот турнир – вели Колев.

Со Балканец секогаш подготвен за титулите

Во својата кариера, почнувајќи од 1965, па сѐ до 1977 година, Стојан Колев, кој настапуваше во категоријата до 68 килограми, беше еден од столбовите на Балканец. Тој припаѓаше на онаа златна генерација со која беа освоени повеќе титули на екипните шампионати на Македонија. Секој спортист, откако ќе заврши со кариерата, нормално често се сеќава на она низ што поминал додека бил активен. Во меморијата никогаш нема да избледат спомените од многубројните настапи, особено оние што се врзани со победите. Едно од позначајните места во меморијата на Колев зазема борбата со струмичанецот Сократ Ефтимовски.
– Кон крајот на 70-тите години, кога веќе помислував да го напуштам борењето, во Струмица нѐ очекуваше дербито со екипата на Извор. Јас требаше да ги одмерам силите со Сократ Ефтимовски, кој беше нивниот најдобар борач и тогашен репрезентативец. Можеби оваа средба нема да привлечеше толку големо внимание доколку од неа не зависеше и конечниот исход на дуелот, кој требаше да го даде новиот шампион на Македонија. Салата на ДТВ Партизан беше преполна, дури имаше и гледачи до самиот душек. Атмосферата беше пеколна, па јас, што беше и нормално во една таква ситуација, малку бев подуплашен. Имав и мала трема, бидејќи бев оптоварен со помислата што ако не успеам да победам. Тогаш си реков, еве дојде шансата да ги зарадувам моите сограѓани. Се изборив навистина феноменално. Го совладав фаворизираниот Ефтимовски и на крајот бев прогласен за победник. Задоволството кај мене беше огромно, а на радоста ѝ немаше крај. Се сеќавам цел Штип ги славеше нашата победа и новата титула. Тоа беше нешто прекрасно – се сеќава Стојан.
Потоа, Колев стана познат меѓународен судија со највисока екс (ексепционел) категорија. И овде беше меѓу најуспешните, за што говорат и неговите 14 арбитражи на европските и на светските првенства. Но за сето тоа и за другите случувања во кариерата на Стојан Колев-Словенецо ќе читате идната недела.


Стојан Колев

Роден: во 1950 година во Штип
Кариера: БК Балканец и репрезентација на Македонија
Успеси: повеќекратен шампион во поединечна, а со Балканец и во екипна конкуренција на Македонија, боречки судија со највисока екс-категорија
Спортски функционер: долгогодишен генерален секретар на Балканец и претседател на судиската организација