Задоволен сум од карактерот на играчите и во иднина се надевам дека овие искуства ќе ни бидат доволни да набилдаме тимски дух и искуство во овој млад тим, изјави селекторот Марјан Илиевски
КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2027
Машката сениорска кошаркарска репрезентација на Македонија го загуби и третиот натпревар во групата Б, во претквалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2027 година во Катар. Како и во Куманово (80-72) така и на свој терен Романците славеа, овој пат со 79-66. Како решавачка се покажа серијата од 10-0 за Романците во последната четвртина.
– На денешниот меч овој млад тим покажа карактер. Затоа мора да бидам задоволен од прикажаното и изданието што го имавме. Романија го имаше резултатот, но ние не се предадовме докрај. Затоа уште еднаш потенцирам дека сум задоволен од карактерот на играчите и во иднина се надевам дека овие искуства ќе ни бидат доволни да набилдаме тимски дух и искуство во овој млад тим – изјави селекторот Марјан Илиевски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Македонското крило Џејкоб Вајли максимално ги одработи сите минути на теренот.
– Имаме млади кошаркари, екипа што е во создавање и горд сум на нашето издание против Романија, која има искусни играчи и одличен селектор. Не се откажавме во ниту еден момент, верувавме во победа и сите заслужуваат честитки за тоа – рече Вајли, пренесе КФМ.
Во оваа група Романија утре ќе ѝ гостува на Унгарија, а црвено-жолтите последниот меч од овие претквалификации ќе го одиграат со Унгарија, в среда (19 ч.), во Куманово. Двете првопласирани репрезентации од четирите претквалификациски групи ќе настапат во квалификациите за СП 2027, а тоа досега го обезбедија селекциите на Романија од групата Б и на Данска и на Хрватска од групата Д. Г.И.
ГРУПА Б
Романија – Македонија 79-66
Унгарија беше слободна
ТАБЕЛА
Романија 3 3 0 235-202 6
Унгарија 2 1 1 160-134 3
Македонија 3 0 3 196-255 3
Следни мечеви: Унгарија – Романија (утре), Македонија – Унгарија (среда).