Архива: „Нова Македонија“

Интересен е фактот што Бугарија беше поканета да му се приклучи на овој „воено-политички пакт“ (помеѓу Хрватска, Албанија и Косово), но засега нема никакви реакции од Софија. Но исто така исклучително е значајно што овој воен сојуз е формиран без какви било консултации или разговори со Србија, односно со официјален Белград. Оттаму реагираат дека „овој воен сојуз е формиран со директно вклучување структура што нема меѓународен легитимитет (се мисли на Косово) и која претставува безбедносна закана во најширока смисла на зборот (тероризам, криминал, шверц со луѓе, дрога и оружје) и опасност за целиот регион

Нов воен пакт на Балканот: Формиран воен сојуз помеѓу Хрватска, Албанија и Косово

Хрватска, Албанија и Косово формираа трилатерален воен сојуз. Во документот со депонираните потписи на министрите за одбрана од Загреб, Тирана и Приштина, формирањето на воениот пакт се поткрепува со експликации за „промовирање заеднички одбранбени капацитети“ и во функција на подлабоки „евроатлантски интеграции“.
Во декларацијата за воениот сојуз помеѓу Хрватска, Албанија и Косово се наведени четири клучни точки на заемна соработка:
1. Промовирање на одбранбените капацитети и соработка во соодветната индустрија;
2. Зголемување на интероперабилноста преку образование, обука и воени вежби;
3. Одговор на хибридни закани и зајакнување на отпорноста;
4. Целосна поддршка за евроатлантските интеграции.
Според одредени балкански аналитичари, зад овие формулации стои „заеднички план за набавка на современо американско оружје“ и уште еден силен приклучок кон новите американски политики на претседателот Трамп.
Интересен за издвојување е фактот што Бугарија беше поканета да му се приклучи на овој „воено-политички пакт“, но засега нема никакви реакции од Софија.
Исто така исклучително е значајно што овој воен сојуз е формиран без консултација или разговори со Србија, односно официјален Белград. Официјален Белград реагира дека „овој воен сојуз е формиран со директно вклучување структура што нема меѓународен легитимитет (се мисли на Косово) и која претставува безбедносна закана во најширока смисла на зборот (тероризам, криминал, шверц со луѓе, дрога и оружје) за целиот регион.
До заклучувањето на оваа статија не добивме информација за тоа дали министерствата за одбрана на Македонија и на Црна Гора биле во тек со склучувањето на овој воен пакт и дали добиле покана за некаква форма на соработка, во согласност со потпишаната декларација меѓу Загреб, Тирана и Приштина.

Потврда од Тирана и од Приштина за почеток на операционализацијата на новиот воен пакт на Балканот

Министерствата за одбрана на Приштина и Тирана потврдија дека нивни експертски групи веќе работат на оперативни планови за спроведување на точките од декларацијата, а „купувањето оружје е првата обврска што тие ја презедоа“. Вршителот на должноста офицер за врски на министерот за одбрана на Приштина, за јавноста кажа и дури дека веќе пред околу еден месец (на 18 јули) во Тирана се одржал состанок на „групата за имплементација“, која го разработува планот на терен.
Но, само за потсетување, во истиот контекст е информацијата дека пред неколку години беше потпишан договор за воена набавка меѓу Загреб и Приштина, според кој членовите на вооружените сили на Косово, слободно во рамките на тој договор, можеа да бидат снабдени со оружје и друга опрема и тоа динамично се правеше. Но, со новиот воен пакт, според аналитичарите, активностите на воен план би биле и проширени со нови форми и продлабочени во смисла на заедничка интероперабилност на војските на Хрватска, Албанија и Косово.

Чиј е интересот за формирање на новиот балкански воен сојуз?

Нема сомнение дека новата димензија на воената соработка на Балканот, меѓу Хрватска, Албанија и Косово, претставува една логична последица на интересот на либералните елити во Брисел за милитаризирање, вклучувајќи ги и оние балкански земји во чии влади актуелен Брисел ужива апсолутна поддршка. Тука, се разбира, не припаѓаат ниту Србија ниту Македонија. Што се однесува до Босна и Херцеговина, таму е во тек рекреирање на уредувањето, кое Брисел го прави по свој терк, со извесни разлики од новите политики на Вашингтон за Балканскиот Регион. Во тој контекст потсетуваме и на скорашно искажаниот став на дипломатот Кристофер Хил, кој вели дека „САД сега нема да имаат посветен фокус кон балканските земји и ќе ги остават малку самите да си ги најдат својот пат и меѓусебната соработка“. Очигледно е дека тој вакуум на американското влијание го користат Брисел и Лондон за свое влијание во регионов.
– Станува збор за осмислена стратегија и тактика за планирање, која има свој ментор, најверојатно во либерален Берлин и Лондон. Овој сојуз не е спонтан договор, туку диктиран од неолибералниот Запад, кој, без оглед на моменталните пукнатини во своите редови, има заеднички интереси во оваа област – вели Радомир Милашиновиќ, поранешен декан на Факултетот за безбедност во Белград, додавајќи дека „старите воени коалиции и пактови на Балканот повторно стануваат нови“. Р.Н.М.


Во тек е ревизија на Дејтонскиот договор во Босна и Херцеговина?!

Откако Централната изборна комисија на Босна (ЦИК на БиХ) му го одзеде мандатот на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, низа аналитичари потенцираат дека „ситуацијата во БиХ е многу посложена од доскоро“ и, како што констатираат, „веројатно најсериозна од потпишувањето на Дејтонскиот договор“.
Во анализите се аргументираат елементи дека „преку одредени ревизии на Дејтонскиот договор се прави обид да се централизира Босна и Херцеговина“. Всушност, спротивно од духот и карактерот на Дејтонскиот договор, аналитичарите забележуваат елементи за „укинување на што е можно повеќе овластувања за двата небошњачки народи и наметнување еден конститутивен народ на Босна и Херцеговина, без другите два – српскиот и хрватскиот народ“.
И официјален Белград реагираше на овие тенденции во БиХ, во кои се прават обиди за релативизирање на Република Српска во рамките на БиХ, во спротивност со Дејтон. Белград тврди дека „сето ова потсетува на Првата светска војна, која избувнала поради тврдењето дека Србија стои зад атентатот во Сараево“. Белград истакнува дека е важно на Балканот „политиките на Белград и Бања Лука да бидат координирани и да се дефинираат српските национални интереси“.
Од официјален Загреб засега нема реакции, но многу аналитичари од Хрватска предупредуваат дека непромислените ревизии на Дејтонскиот договор може многу лесно да го предизвикаат домино-феноменот на слични вакви ревизии и во другите делови на Балканот, што може да биде проследено со отворање локални безбедносни жаришта, за кои големите сили, во новата констелација на глобални односи, би биле заинтересирани за безбедносно менаџирање. Р.Н.М.


Пензионираниот хрватски адмирал Домазет-Лошо за новите воени сојузништва на Балканот, со краток осврт и на позиционирањето на Хрватска

Стратегија за да не дојде до војна: Потребен е сојуз на Загреб и Белград

За да ја решиме и стабилизираме БиХ, не можеме да го сториме тоа без Србите. Воена спогодба помеѓу Хрватска и Србија во овој миг, а не помеѓу Хрватска, Албанија и Косово, па ја каниме и Бугарија… Тоа е мојата порака и кон Србија. Србија и БиХ се наша „стратешка длабочина“. Бидејќи ќе имаме и море и стратешка копнена длабочина. Нема вечни пријатели, ниту непријатели. Само интересите се вечни. А нашите интереси сега се заеднички, бидејќи се интереси на опстанок

Потребно е да се осмисли стратегија за да не дојде до војна, истакнува пензионираниот хрватски адмирал Давор Домазет-Лошо, притоа изразувајќи негативно мислење за склучениот воен пакт меѓу Хрватска, Албанија и Косово.
Искусниот хрватски стратег и геоаналитичар смета дека за Хрватска моментално е подобро да влезе во сојуз со Србија, поради стратешката важност од таквата соработка.
– Ние поминавме крвава татковинска војна… Сега треба да осмислиме стратегија за да не дојде до војна, бидејќи најголемата умешност на војувањето, според мислата на Сун Цу (кинески војсководец и теоретичар – н.з.), гласи дека најдобро е војната никогаш да не се води. Но, ако мора да се води, тогаш мора да се води по одредени стратешки правила. Значи, војната треба да се избегне. Во стратегијата се наведува, според новите постулати, односно аксиоми, дека најдобра битка е онаа што не сте ја воделе. Треба да се избегне војната. Сега, во контекст на нашата татковинска војна, со перцепција главно на нашите бранители, е дека – Србите се главни противници… А има и една стратешка заседа – дека ако не можете да го победите противникот, тогаш треба да го придобиете кон себе. Ние потпишавме воена спогодба, најлоша што може да биде, помеѓу Хрватска, Албанија и Косово. А против кого? Против Србите? Ние веќе ги победивме и тие го знаат тоа. А во овој случај, за да ја решиме и стабилизираме БиХ, не можеме да ја стабилизираме без Србите. Воена спогодба помеѓу Хрватска и Србија во овој миг, а не помеѓу Хрватска, Албанија и Косово, па ја каниме и Бугарија… Тоа е мојата порака и кон Србија. Србија и БиХ се наша стратешка длабочина. Бидејќи ќе имаме и море и стратешка копнена длабочина. Нема вечни пријатели, ниту непријатели. Само интересите се вечни. А нашите интереси сега се заеднички, бидејќи се интереси на опстанок – категоричен е Домазет-Лошо. Р.Н.М.