Визијата е вистински фестивал, кој, покрај „главното јадење“, на трпезата на консументите на уметност ќе им понуди и „предјадење и десерти“ во форма на развој на професионалниот сегмент, не само во студентските програми туку и во сениорските

Јани Бојаџи, директор на фестивалот „Преку езерото“

Четвртото издание на фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“ ќе се одржи од 7 до 12 август во Дојран. По вторпат, оваа година, ќе биде доделена наградата „Мето Јовановски“ за високо актерско достигнување во уметноста на филмот на актер од Балканот и Медитеранот. Фестивалот и годинава во текот на пет фестивалски дена ќе ги промовира македонскиот филм, македонските автори, кинематографијата и културата со моќта на уметноста на раскажување приказни од нас, со нас и за нас. Но исто така ги промовира туризмот, историјата и духовните вредности. Годинава програмата на фестивалот ќе се дисперзира и во Струмица и Гевгелија.

Зошто годинава изборот падна на Лазар Ристовски и каква улога очекувате да има во рамките на годинашното издание?
– Лазар Ристовски е едно од најголемите имиња на Балканот и на Медитеранот кога станува збор за актерството во уметноста на филмот. Тој е едно од најнаградуваните актерски имиња од поранешна Југославија и секако е дел од онаа мала и почитувана група уметници што насекаде на Балканот уживаат почит како „домашни“, како „наши“ актери. Лазар Ристовски има македонско потеклo и македонската публика го памети по незаборавните ролји на македонски јазик во филмовите „Јазол“, „Хајка“ и „Збогум на дваесеттиот век“. Во секој случај, за нас како фестивал и на радост на нашата публика, имаме чест тој да биде лауреат на наградата која во суштина го носи името на Мето Јовановски! Има ли подобар начин како да ги почитуваме и прославуваме дома и во светот делото и личноста на еден од најголемите актери во уметноста на филмот од Македонија? Она што дополнително ме прави среќен е тоа што Лазар Ристовски своето знаење и искуство стекнато во над 70 филма во кои играл ќе ги сподели на неговиот мастерклас наменет за студенти по актерство, режија, драматургија, но и за млади актери што сакаат да научат повеќе за актерството во уметноста на филмот. И ако сето тоа е така, ние од Лазар не очекуваме ништо. Напротив, ние ќе направиме сѐ, за арно и со убаво да си дојде во родниот крај и заедно со македонската публика во тие фестивалски денови да ја споделиме радоста од уметноста на филмот.
Како ги селектиравте и балансиравте темите и стиловите, кои филмови очекувате да предизвикаат најголем интерес кај публиката и зошто?
– Уф! Уметничкиот директор на фестивалот Небојша Јовановиќ и јас како нестрплив прв гледач на речиси сите негови предлози, имавме само една единствена идеја: да избереме филмови што бескомпромисно зборуваат за реалноста, за живиот живот на обичниот човек од Балканот и Медитеранот! Сакавме да направиме селекција на филмови што зборуваат за теми што болат и допираат до секого. Во таа смисла, публиката на „Преку езерото“ ќе има единствена можност да види пет македонски премиери на пет филма што се гледаат еднаш, а се паметат цел живот! Искрено, Небојша заврши работа што може да се нарече совршена селекција на единство на различностите!
Од првата година (2022) досега фестивалот многу се прошири. Како еволуираше фестивалот и на што се должи најмногу прогресот?
– О, да, почнавме со девет кратки филма, а сега, за само три години, на четвртото издание стасавме до три селекции. Имаме официјална селекција на долгометражни филмови, на кусометражни и ревија на студентски филмови, кои се дипломски или дебитантски работи на млади и амбициозни луѓе што ние ги финансиравме. И, секако, оваа година приредуваме и забави каде што публиката, љубителите на филмот ќе можат да ја почувствуваат енергијата на уметниците на филмот сосема одблиску и сосема неформално.


Која е целта на грантовите што ги доделува фестивалот, особено за развој на сценарија и продукција на студентски кусометражни филмови?
– Реално, само „Браќа Манаки“ со педесетгодишна традиција и „Преку езерото“, кој годинава се одржува по четврти пат, имаат работилници за развој и финансирање на играни филмови, а оваа година и два големи мастеркласови на кои студенти и млади филмаџии ќе можат да учат за актерството на филм, но и за тоа како се снима дебитантски филм во Грција и во Италија. Годинава како национални премиери ќе прикажеме два од трите филма што минатата година добија грантови за снимање. Многу се радувам што имаме два навистина одлични филма. Еден дипломски и еден дебитантски. Ќе видите и сами. Станува збор за приказни што се многу оригинални и во сѐ ги надминаа нашите очекувања. Третиот филм е во фаза на постпродукција. Станува збор за филм што е дистопија, кој дури влегува и во жанрот научна фантастика. Размислувавме што да се прави кога еден филм со голем потенцијал, но со дополнителни потреби од постпродукција е во ситуација што не е невообичаена за светот на филмот. И решивме да направиме дополнителни напори со дополнителни апликации на програми за комплетирање, режисерката да го заврши филмот со дизајн што во крајна мера е и драматургија. Јас сум човек што не се откажува на првата тешкотија. Сакам таа идеја за филмот да им ја пренесам и на студентите. И убеден сум дека следната година на „Преку езерото“ ќе го имаме првиот македонски кусометражен филм од жанрот научна фантастика.
Годинашната програма има цел да го осветли македонскиот филм. Која е пошироката цел на фестивалот „Преку езерото“?
– Фестивалот навистина има поширока цел и таа ширина се простира од уметноста и културата, па до туризмот. Нашата идеја е фестивалот да го развиваме до степен кога ќе биде препознаен и идентификуван како туристичка дестинација. Реално, во регионот на југоисточна Македонија, практично од Битола до Куманово, не постои манифестација како нашата што има потенцијал да биде промотор и генератор на таканаречениот културен и уметнички туризам! Во таа смисла, убеден сум дека Македонија ќе го препознае „Преку езерото“ и дека ќе создадеме симбиоза помеѓу уметноста, туризмот и бизнисот.
Каква е вашата визија за иднината на „Преку езерото“?
– Визијата е вистински фестивал, кој, покрај „главното јадење“, на трпезата на консументите на уметност ќе им понуди и „предјадење и десерти“ во форма на развој на професионалниот сегмент, не само во студентските програми туку и во сениорските. Потоа, да го развиеме фестивалот во индустрискиот сегмент и на крајот „Преку езерото“ да прерасне во вистинско балканско и медитеранско филмско собиралиште каде што сите филмови ќе бидат премиери, кои од нашиот фестивал ќе го почнат својот филмски живот и ќе бидат препознавани како априори уметничка вредност. И, секако, најголемата визија е фестивалот да прерасне во филмски кампинг каде што младите од Балканот и Медитеранот десет дена ќе живеат, ќе се радуваат, ќе се заљубуваат и ќе треперат од среќа и страст во подвижните слики на уметноста на филмот. Малку или многу, не знам. Наше е да мечтаеме. На крајот на краиштата, филмот отсекогаш бил место каде што мечтите станувале стварност.