Фото: ЦУК / Илустрација

Голем пожар, кој брзо се шири е регистриран во Националниот парк „Преспа“, во предел кај Пустец.

-Пожарникари од општина Пустец, други сили од јавните служби, граничната полиција се на терен, со цел да го спречат ширењето на пожарот. Но, ситуацијата е критична поради високите температури и ветерот кој го распламтува огнот – објави Топ чанел.

Пожар од големи размери, на Сува Планина во националниот парк „Преспа”имаше и на почетокот на август минатата година, кога беше опожарената површина над 300 хектари.

Се закануваше да стигне до граничниот премин „Горица” и до селото Горна Горица, а во гаснењето се вклучија и македонски хеликоптери.

Според Министерството за одбрана на Албанија состојбата со пожарите во земјава е загрижувачка бидејќи пожари има од југот до северот на земјата.

-Моментно има 17 активни пожари и продолжува работата за нивно изолирање и гаснење. На терен се распоредени над  1.000 воени и цивилни сили, заедно со 5 хеликоптери од армијата, како и еден од Унгарија, а од попладнево  и два канадера од Италија и Хрватска- објави Пирот Венгу, министер за одбрана.