ФУДБАЛ
Меси петти играч во МЛС со 35 гола и 25 асистенции за две години

Лионел Меси постигна два гола и имаше две асистенции, Теласко Сеговија, исто така, постигна два погодока, а Интер Мајами ги победи Њујорк Ред Булс со 5-1 во саботата, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Ова беше шестиот натпревар со повеќе од еден гол на Меси во претходните седум меча во американското првенство во фудбал (МЛС). Меси стана петтиот фудбалер во историјата на МЛС што постигнал најмалку 35 гола и 25 асистенции во период од две години, придружувајќи им се на Роби Кин (2013-2014), Себастијан Џовинко (2015-2016), Карлос Вела (2018-2019) и Кучо Ернандез (2023-2024). Н.М


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС
Евенепул ја напушти трката, Погачар го зголеми водството

Ремко Евенепул беше принуден да ја напушти годинaшнaта велосипедска грантур-трка Тур де Франс, Тимен Аренсман ја оствари својата прва етапна победа, а Тадеј Погачар малку го зголеми своето доминантно водство во генералниот пласман пред Јонас Вингегард, откако актуелниот шампион Погачар беше втор на 14-та, исцрпувачка планинска етапа, а Вингегард трет, пишува „Би-би-си“. Двојниот олимписки шампион, Евенепул, кој беше трет во генералниот пласман годинава, не успеа на првото од четирите искачувања на етапата долга 182,6 км и мораше да се повлече, пишува „Би-би-си“. Вчера на програмата беше ридеста етапа, долга 169,3 км, пред вториот ден за одмор на годинашниот Тур е Франс. Генерален пласман по 14 етапи: Погачар, Вингегард (плус 4:23 минути), Флоријан Липовиц (плус 7:53 минути), Оскар Онли (плус 9:18 минути), Кевин Вокелин (плус 10:21 минути)… Н.М.


ГРАНСЛЕМ-СЕРИЈА ВО ФИШЕРОВ ШАХ
Ниман и Аронијан играа во финалето во Лас Вегас

Првиот гранслем-турнир во т.н. Фишеров шах (слободен стил) на американска почва ќе круниса нов шампион, откако Ханс Ниман и Левон Аронијан ги добија своите полуфинални натпревари во петокот во Лас Вегас и играа синоќа во финалето за првата награда од 200.000 долари, пишува Гранслем-серијата во Фишеров шах на својата интернет-страница.
Ниту еден од двајцата играчи претходно не освоил титула на гранслем-турнир во овој вид шах (фигурите во првиот ред за почетната позиција се подредени по случаен избор). Сезонава се одиграа три турнира од оваа гранслем-серија, на кои победија Винсент Кејмер и двапати Магнус Карлсен, по што во вкупниот пласман по три турнира водеше Карлсен.
На турнирот во Лас Вегас, Ниман по две ремија во меч со класично темпо на игра против Фабијано Каруана, а потоа и во првиот тајбрејк во брз шах, победи во вториот за да слави во дуелот со вкупно 2,5-1,5. Аронијан, кој веќе ги победи лидерот на турнејата и светскиот шахист број еден, Магнус Карлсен и светскиот број два, Хикару Накамура во минатата недела, продолжи со својата серија победувајќи го Арџун Еригаиси со 2-0, откако славеше во двете класични партии без потреба од тајбрејкови.
Во мечот за третото место на турнирот во Лас Вегас играа Карлсен и Накамура. Н.М.