Фото: ЕПА

Предложениот нов буџет на Европската комисија (ЕК) нема јасна стратешка основа и таков буџет би ја уништил Европската Унија, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Орбан, во разговор за унгарското државно радио, рече дека верува оти ЕК ќе мора да го повлече предлогот.

Унгарскиот премиер ги критикуваше плановите за доделување пари за Украина и планираните измени во земјоделските субвенции.

Европската комисија во средата презентираше план за буџетот на Европската Унија, кој изнесува два трилиони евра. Буџетот го опфаќа периодот од 2028 до 2034 година, а нацртот треба да биде одобрен од сите 27 земји-членки, како и од Европскиот парламент за да биде усвоен.

-Ова е буџет за денешната реалност, како и за предизвиците на утрешнината. Продолжуваме да соработуваме со Европскиот парламент, земјите-членки и претприемачите – изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на заедничка прес-конференција.

Нацрт-буџетот предвидува пет пати повеќе средства за одбрана, што фон дер Лајен го оценува како одраз на тоа колку ЕУ е загрижена за безбедноста и сигурноста на своите граѓани и влади.

Дополнително, нацрт-буџетот предвидува средства од околу 400 милијарди евра за кризни механизми.

Таа истакна дека буџетот за прашања поврзани со миграцијата и управувањето со границите е тројно зголемен.

-Нацрт-буџетот им дава можност на земјите-членки за прв пат да инвестираат во ЕУ до вкупна инвестициска вредност до 150 милијарди евра – рече фон дер Лајен.

Според нацрт-буџетот, 35 проценти од буџетот е наменет за клима и биодиверзитет, а околу 100 милијарди евра ќе бидат издвоени за помош на Украина.

Таа изјави дека финансирањето на предложениот буџет ќе дојде од користење на нови приходи, но дека средствата на земјите-членки за блокот ќе останат „стабилни“.

Претседателката на ЕК истакна дека сите средства од ЕУ го почитуваат владеењето на правото.