Завршниот настан на манифестацијата ќе биде премиерно прикажување на македонскиот филм „Железната тврдина – Демир Хисар“, во режија на Митко Панов. Филмот е снимен токму во Демир Хисар, со учество на познати актери како Игор Џамбазов и Синоличка Трпкова, локални жители, странски актери, тимот на ЦКИ-НЕБО и штитеници од Психијатриската болница, кои се вклучени како актери и сценаристи
Со театарската претсава „Синиот портокал“ во изведба на НТ „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес, од денеска започнува четвртото издание на манифестацијата „Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста“ во организиација на Центарот за креативни индустрии „Небо“.
Претставата е по текст на Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски, а ќе биде одиграна во Домот на културата „Илинден“ во Демир Хисар. Истата важи за една од најизведуваните на репертоарот на велешкиот театар со 100 изведби досега.
Како што велат од „Небо“ оваа манифеставија прераснува во традиционална и има за цел да обезбеди квалитетна уметничка програма, одржувајќи ја веќе воспоставената пракса на негување на културни вредности и во руралните средини.

– Интересот и посетеноста од страна на локалното население, како и од посетители од други градови низ земјата, се јасен показател за успешноста на претходните три изданија на мултидисциплинарниот проект „Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста“. Овие резултати ја потврдуваат потребата културните активности да продолжат да се развиваат, зајакнувајќи го веќе воспоставениот модел на независна културна сцена, на кој Центарот за креативни индустрии – Небо, активно работи изминатите пет години-велат оттаму.
Во програмата ќе биде вклучена и ликовната изложба „Преиспитувања“ од уметниците Никола Пијанманов и Тони Попов, кои преку својот специфичен ликовен јазик ги преиспитуваат личните и универзалните човечки искуства. Изложбата ќе биде поставена во Селскиот дом во Суводол.
Дополнително, ќе се одржи работилница за креативно пишување под менторство на поетот Митко Гогов, и работилница за цијанотипија под водство на фотографот Иван Алушевски.
Оваа година, како и претходно, во програмата е вклучен и настан наменет на штитениците од Психијатриската болница во Демир Хисар, кој ќе се реализира во Центарот за рехабилитација во форма на музичка терапија, под раководство на Сашко Костов и Славчо Коцев од ГО „Арт Генератор“ – Велес, кои во изминатите години успешно го имплементираат Фестивалот за џез, светска и современа музика.
Завршниот настан на манифестацијата ќе биде премиерно прикажување на македонскиот филм „Железната тврдина – Демир Хисар“, во режија на Митко Панов. Филмот е снимен токму во Демир Хисар, со учество на познати актери како Игор Џамбазов и Синоличка Трпкова, локални жители, странски актери, тимот на ЦКИ-НЕБО и штитеници од Психијатриската болница, кои се вклучени како актери и сценаристи.
Преку ваквите активности, манифестацијата продолжува да го одржува духот на културната живост, потврдувајќи дека уметноста може да биде присутна и активна во сите делови од општеството, без оглед на географската одредница.
Манифестацијата е финансиски помогната од Министерството за култура и туризам на Македонија.