Фото: ЕПА

Во првото коло, актуелниот шампион Фенербахче ја почнува одбраната на својата круна со дуелот со Париз. Во новата сезона ќе играат два тима повеќе од лани, вкупно 20, и ќе има 38 кола наместо 34

Објавен е распоредот за регуларниот дел од сезоната на кошаркарската Евролига, за сезоната 2025/2026, која ќе почне на 30 септември со седум дуели, а следниот ден на програмата ќе бидат уште три. Иако форматот на двокружен систем останува, проширувањето од 18 тима на 20 тима значи дека ќе има 38 кола во регуларната сезона наместо 34. Сите тимови ќе играат меѓусебно по двапати, дома и на гости, а откако ќе заврши регуларната сезона, следуваат квалификациските мечеви, т.н. плејин за влез во доигрувањето, во кое ќе има четири плејоф-серии што ќе се играат до три победи, пред фајналфор-турнирот, пишува Евролигата.
Во првото коло, актуелниот шампион Фенербахче ја почнува одбраната на својата круна во дуелот со Париз, тимот што го победи во плејофот минатата сезона, новаците во Евролигата, Дубаи и Хапоел Тел Авив, ќе ги играат своите први натпревари во натпреварувањето на домашен терен, со Партизан, односно со Барселона, а Валенсија, која се врати во Евролигата по едногодишно отсуство, ја почнува својата сезона на гостински терен кај АСВЕЛ, пред да ја отвори својата сосема нова арена со мечот со Виртус во второто коло, пишува Евролигата.

Регуларната сезона треба да заврши на 17 април со 38-то коло. Конечниот пласман ќе одреди кои шест екипи ќе имаат загарантирано место во плејофот и кои четири екипи, од оние што ќе се пласираат од седмото до десеттото место, ќе настапат во плејин-мечевите, кои на програмата се на 21 и на 24 април. Плејоф-серијата е предвидена од 28 април до 13 мај, а фајналфор-турнирот на 22 мај (полуфиналиња) и на 24 мај (финале). Во сезоната 2025/2026 ќе има најмалку 396 натпревари, пишува Евролигата.
Двојки за првото коло: Хапоел Тел Авив – Барселона, Дубаи – Партизан, Анадолу Ефес – Макаби Тел Авив, Црвена звезда – Милано, Панатинаикос – Баерн, Басконија – Олимпијакос, Виртус – Реал Мадрид (сите на 30 септември), Монако – Жалгирис, Фенербахче – Париз и АСВЕЛ – Валенсија (сите на 1 октoмври). Н.М.