Јана Билбилоска од Велгошти, литературен творец
На второто издание на манифестацијата „Детски Прличеви беседи“, која неодамна се одржа во Охрид, осмоодделенката Јана Билбиловска од ООУ „Живко Чинго“ од Велгошти го освои првото место. Таа уште при интерпретацијата и возвишеното читање на стиховите посветени на преродбеникот Григор Прличев, во чија чест се одржува оваа манифестација, остави силен впечаток пред присутните.
На настанот што се реализира во соработка со Општина Охрид, во спомен-куќата на Григор Прличев, присуствуваа наградените ученици, нивните ментори и родители и се насладуваа од ѕвонливите зборови посветени на великанот.
– Јана е талентирана, креативна, вредна и исполнителна ученичка. Таа има чисто срце и отворен ум со кои го освојува светот. Со нејзините литературни творби учествува на голем број литературни конкурси и добива награди. На училишниот литературен конкурс го освои првото место пишувајќи за ликот и делото на нашиот патрон, Живко Чинго – вели нејзината менторка, наставничката по македонски јазик Роза Китрозоска, која секогаш е зад своите ученици и посветено работи со нив.
Роза се труди да ги образува своите ученици во духот на Мисирков, Прличев, браќата Миладиновци, Конески. Тоа беше поттик за Јана да го негува својот македонски јазик и да го почитува со дела, со напишан збор, кој е доказ за свежината и живоста на нашиот јазик.
– Најголемата награда што може да ја добие еден наставник во својот работен век е да поттикне што повеќе ученици со интерес и посветеност да творат на македонски јазик. Љубовта, радоста, човечноста, тагата и болката извадени од детското срце и навезени во низа од зборови, се најубава мелодија за моите уши – дополни Китрозоска.
Јана посебно им се заблагодарува на сите здруженија, училишта, институции и поединци што организираат литературни конкурси и им помагаат на наставниците да им дадат поддршка и можност на младите талентирани творци. Ф.Д.
Охрид и Македонија за Прличев се и љубов и судба и гордост и тага и лулка и гроб
О, Прличев, тивок великану,
ти што зборуваше кога молчеше светот.
Од родниот Охрид направи вечност,
од маката – песна, од зборот – завет.
Ти, кој со перо го бранеше родот,
не со меч, туку со срцето полно.
Го запиша гласот на еден народ,
како оган што гори – но благо и силно.
Григоре, дали слушаш сега
како езерото ги носи стиховите твои?
Сè уште зборуваат, сè уште пеат,
тука си – жив меѓу нас, постоиш.
Охрид те чуваше како дете свое,
ти беше лулка – и почеток, и свет.
А кога светот ти ја затвори вратата,
Охрид ти стана гроб – но не и крајниот лет.
Македонија ја носеше во болка и во слава,
вечна твоја љубов, исконска судбина.
Со гордост ја љубеше, и кога раната крвави,
ја гушкаше како што само поет знае тивко – без вина.
Сега ти зборувам, Григоре наш,
од тивките денови, од времето ново.
Ти си нашиот глас, ти си нашиот плач,
ти си вечен – во секое срце, во секое слово.
Јана Билбилоска 8-a одделение,
ООУ „Живко Чинго“, Велгошти
Менторка: проф. Роза Китрозоска