Нашинците од соседството и од светот
Подготви: Далибор Станковиќ
Во црковниот двор на македонската православна црква „Свети Димитриј“ во поречкото село Локвица по седумнаесетти пат се одржа традиционалната културна манифестација „Поречки средби“, која секоја година се одржува во различно село на Порече во општината Македонски Брод. Присутните гости и жителите ги поздравија градоначалникот на општината Македонски Брод, Живко Сиљаноски, и претседателот на манифестацијата Златко Ѓорѓиоски. Делегација на општината Македонски Брод, предводена од градоначалникот Живко Сиљаноски, и делегација на Сојузот на борците на Македонија положија цвеќе на Споменикот на загинатите партизани од народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија во Втората светска војна, кој е сретсело во Локвица.
Во културно-уметничката програма учествуваа повеќе културно-уметнички друштва: КУД „7 Септември“ од Македонски Брод, КУД „Моминок“ од центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп, КУД „Бисер“ од Кичево, пеjачката група „Пенка Котеска“ од Прилеп, пензионерска пеjачка група од Штип, гајдаџиите Ратко Златески и Љупче Најдоски, а настанот беше збогатен и со поетско читање на поголем број локални поети.
Организаторот на традиционалната културно-уметничка програма им додели посебни благодарници за посебна поддршка и успешна организација на културната манифестација „Поречки средби“ на градоначалникот на општината Македонски Брод, Живко Сиљаноски, на претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, и на претседателот на Матицата на иселениците од Македонија, Иван Џо Петрески. Петров и Петрески остварија средба со група Американци од Небраска, САД, кои присуствуваа на културната манифестација „Поречки средби“, на пат низ Македонија да ги запознаат нејзината култура и историја.
Поречките средби беа посетени од голем број локално население и жители од цела Македонија, но и наши иселеници по потекло од Порече. Откако почна да се организира оваа културна манифестација, голем број млади по потекло од овој крај првпат по многу години се вратија во родните места на своите родители, баби и дедовци. Некои од нив изградија или градат куќи и викендички, а многумина ги обновуваат старите куќи изградени пред многу години. По завршувањето на програмата, за присутните на средбите беше приготвено војничко гравче, кое се служеше во трпезаријата на македонската православна црква „Свети Димитрија“ во селото Локвица.