Домашните компании што работат пред сѐ на македонскиот пазар имаат најслаби резултати кога станува збор за продуктивноста на компаниите. Компании што се извозно насочени, но и компании што функционираат во Македонија, но чии сопственици се од странство или, пак, станува збор за мултинационални компании имаат подобри резултати, покажува истражувањето што е направено за Организацијата на работодавци на Македонија

Економската продуктивност како повод

Зборот продуктивност го достигна врвот на својата популарност во последниве години и понекогаш, барем таков е општиот впечаток, звучи „излитено“. Сепак, она што навистина ги идентификува резултатите од продуктивноста е всушност дека тоа е – клучот за исклучително успешни колективни или индивидуални напредоци во различни области.
Затоа, многу економисти, бизнисмени, универзитетски професори по економија апелираат „да се справиме со продуктивноста за нејзино подобрување и усовршување, без непотребно теоретизирање и празни значења“ и – да ги засукаме ракавите!

Што е продуктивност и која е нејзината важност?

Ако ја цитираме деловната економија, во која се користи изразот, продуктивноста се дефинира како бизнис-принцип што постигнува максимални резултати на компанијата со минимални инвестиции и трошење човечки труд, т.е. работна сила. Тоа значи дека добри резултати можат да се постигнат со постојната работна сила во форма на кој било тим од луѓе само ако тие работат на своите лични перформанси. Тоа е тенденција на секоја модерна компанија што сака да работи со поголем профит. Но, пред сè, за да знаете дали ви е потребно подобрување на продуктивноста, треба да ја измерите.

Како да се измери продуктивноста?

Продуктивноста се мери со поврзување на постигнатите перформанси со количеството на вложен труд и материјали. Ако станува збор за производство, вложениот материјал и часовната плата на работниците се собираат заедно со обемот на постигнатата работа. Ако работата не е завршена во потребниот обем, тогаш работите треба да се поправат.
Ситуацијата е иста и со нематеријалните перформанси. Конечните резултати се прегледуваат и споредуваат со вложениот труд. Ако обемот е помал од очекуваното, тогаш продуктивноста треба да се подобри.

Како да се зголеми продуктивноста на вработените?

Не е секогаш лесно, особено ако вработениот е на истата работа неколку години, секогаш да најде мотивација и причини да биде продуктивен. Затоа и неговиот работодавец мора да вложи напор за продуктивност.
– Подобрете ги условите на работното место. Еден од најважните елементи на работното место на секој вработен е неговиот работен простор. Затоа мора да се внимава работниот простор да биде флексибилен, удобен и иновативен, така што вработениот ќе се чувствува поудобно и поподготвено за работа – тврдат нашите соговорници, универзитетски професори по економија.
Мали промени во форма на нов инвентар, како и дел за слободно време, односно за оние кратки паузи во текот на денот, кои понекогаш се повеќе од потребни, ќе го дополнат амбиентот. Дури и некаков вид преграда за тие кратки слободни моменти и омилен пијалак во канцеларијата може да им помогне на вработените да се чувствуваат подобро и да се вратат на своите работни задачи поенергични. Важно е да се има простор за непречени телефонски разговори или длабока концентрација, доколку е потребно.
Натаму, еден момент што може драстично да влијае на продуктивноста е флексибилното работно време.
– На некои од вработени им е согласно да доаѓаат на работа подоцна, ако, на пример, ги оставаат своите деца во градинка. Некои сакаат работа попладне и навечер. Разговарајте со нив и обидете се да го приспособите работното време на нивните моментални потреби – издвојуваат соговорниците.
Но, еве неколку клучни столба на продуктивноста што секогаш може да бидат зајакнати или димензионирани на начин на кој вработените ќе се чувствуваат поудобно и ќе бидат помотивирани за работа. Што препорачуваат соговорниците за бизнисмените и во реалната економија и во услугите да преземат кон вработените:
– Оптимизирајте го бројот на состаноци.
– Поставете јасни рокови. Ако очекувате некој да биде доволно продуктивен на работа, тој мора да има јасни рокови и точно да знае што се очекува од него. Во спротивно, ќе се појават недоразбирања и работите ќе излезат од контрола.
– Дозволете пократки паузи и одмор. Тоа не значи исцрпен работник без идеи. Доколку е потребно, направете подолга пауза и имајте разбирање кон личните проблеми и тешкотии. Кога ќе дојде добар период, работникот ќе врати тројно.
– Развивање на знаењето и вештините. Едно од главните нешта што треба да се научат е како да се управува со времето.
– Поттикнете ги работниците да ги искажат приоритетите. Ако сте им поставиле јасни граници и рокови, дозволете им да ви кажат и што им одговара помалку, а што повеќе. Со отстранување на она што ги мачи, ги охрабрувате да работат подобро и поефикасно.
– Парични стимулации, заеднички прослави, тим-билдинзи… Паричните стимулации значително ја зголемуваат продуктивноста. Треба да биде однапред одредено и јасно дефинирано, така што ќе има јасни принципи за работникот. Не мора секогаш да биде парична компензација, стимулацијата понекогаш е добра во форма на слободно време, на пример, слободен ден, по што вработените ќе бидат попродуктивни на работа. Заедничкото славење на успехот, дури и во канцелариска средина, е од големо значење за работата.

Некои впечатоци и истражување за продуктивноста кај домашните фирми

Домашните компании што работат пред сѐ на македонскиот пазар имаат најслаби резултати кога станува збор за продуктивноста на компаниите. Компании што се извозно насочени, но и компании што функционираат во Македонија но чии сопственици се од странство или, пак, станува збор за мултинационални компании имаат подобри резултати!
Истражувањето што е направено за Организацијата на работодавци на Македонија покажа загрижувачки тренд на намалување на вкупната продуктивност на македонските компании. Тоа открива дека фирмите во земјава стануваат сѐ помалку ефикасни во користењето на основните фактори на производство – трудот и капиталот.
Од друга страна, компаниите со странски сопственици имаат дури четири пати повисока продуктивност од домашните, додека извозно ориентираните се значително попродуктивни од оние што работат исклучиво на домашниот пазар.
Според претставниците на Организацијата на работодавци на Македонија, кон ваквата состојба придонесуваат ограничениот пристап до финансии, слабите институции и корупцијата, на кои се гледа како на главни пречки за раст на продуктивноста и развој на македонските фирми.
Работодавците потенцираат дека овие фактори ја нарушуваат конкуренцијата и создаваат долгорочна непредвидливост, која ги обесхрабрува инвестициите и иновациите, кои, пак, заедно со добрите менаџерски практики и вештините, имаат суштинско значење за долгорочна конкурентност на домашните компании.
Остана голем број прашања што се наметнаа од истражувањето на ОРМ, како причините за ваквите резултати, но и мерките со кои може да се подобри работењето на домашните компании. Какви чекори можат да преземат самите компании за подобра продуктивност? Но и многу важно, зошто странските компании имаат поголем продуктивност, дали тоа се должи на опремата, на поддршката од матичните компании…?
– Точно е дека студијата за испитување на продуктивноста во Македонија покажа дека покрај големото заостанување во продуктивноста кај нас и просечната остварена во Европската Унија, постои и голема разлика во продуктивноста и кај компаниите во Македонија. Една таква разлика е помеѓу компаниите што работат само на домашниот пазар и компаниите што извезуваат надвор од земјата.
Според мое мислење, оваа разлика произлегува од самата конкуренција на странските пазари и конкуренцијата во земјата. На странските пазари постои голема конкуренција, која ги принудува компаниите што извезуваат постојано да вложуваат во нова по современа опрема, во обуки на вработените, во кратење на непродуктивните трошоци и сето она што придонесува за зголемување на нивната продуктивност. Развиените пазари не дозволуваат да бидете конкурентни ако немате добра продуктивност и минимални трошоци по единица производ – објаснува Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија.
Димитров појаснува дека за разлика од големите европски земји, на македонскиот пазар, поради неговата големина и многу малата конкуренција, им се овозможува и на компании со многу ниска продуктивност да опстанат на пазарот. Тоа е особено присутно во секторите во кои поради големите транспортни трошоци странските производители не се конкурентни на нашиот пазар.
– Втората причина е преносот на посовремена технологија, организација на работата, па и добро управување од фирмите мајки кон фирмите ќерки што работат во Македонија. Странските компании бараат од домашните менаџери не само почитување на сите стандарди на работење туку и континуирани извештаи за работењето, продуктивноста, трошоците и, се разбира, финансиските резултати.
Од страна на Владата треба да се обезбеди функционална пазарна економија, што значи да се запрат сите царински заштити на домашните компании, бидејќи е докажано дека ако фирмите имаат заштита од странската конкуренција, тие се чувствуваат лежерно и не се грижат за продуктивноста и рентабилноста во работењето, туку очекуваат добивките да ги остварат преку заштита од страна на Владата – потенцира Димитров.
Потоа тој дополни дека од самите компаниите се очекува следење на новите технологии, современите менаџерски практики и наместо да вложуваат во убави фасади на нивните деловни згради, да вложуваат во современа опрема и технологии за производство, кои ние ги немаме.
– Развојот не доаѓа сам по себе, туку преку развојот на технологијата, човечките ресурси, доброто владение и позитивната бизнис-клима за која е одговорна Владата.
Примерите од историјата ни покажуваат дека земји со ист народ, исти традиции, религија и слично, во зависност од начинот на владеењето остваруваат различни резултати во развојот. Такви се Јужна и Северна Кореја, Западна и Источна Германија или Кина под водство на Мао Ѕедунг и Кина под владение на Денг Ксао Пинг – појаснува Димитров. Е.Р.