Македонскиот пијанист Дино Имери, еден од највпечатливите уметници на својата генерација, настапи во Виена – глобалниот и историски центар на класичната музика. На програмата е капиталното дело на Јохан Себастијан Бах – „Голдберг варијации“, кое ретко се изведува на концертните сцени низ Европа, токму поради неговата исклучителна сложеност и длабочина.

Концертот се одржа во престижниот „Бехштајн центрум“ во Виена, во организација на Амбасадата на Македонија.

Ова дело, кое Имери премиерно го изведе во Скопје во рамките на „Неделата на Бах“, привлече големо внимание од публиката и критиката. Програмата бара техничка виртуозност и уметничка зрелост, а само мал број пијанисти во светот се осмелуваат да го стават на својот концертен репертоар.
– Настап во Виена е сон на секој уметник. Особено ми е чест да ги изведам „Голдберг варијациите“, едно од најмонументалните дела на класичната литература, на сцена пред публика што секојдневно слуша врвни уметници и програми. Работев на ова дело повеќе од пет години – изјави Имери пред настапот.