Фото: Пиксабеј

Србија

Србија планира да изгради два нови гасовода во следните три години, кои ќе ја поврзат со Македонија (на југ) и со Романија (североисток). Ова го соопшти вршителот на должноста помошник-министер за рударство и енергетика за нафта и гас Саша Коковиќ, на „Неделата на енергетиката“ во Баку, Азербејџан.
– Со поддршка од ЕУ, гасната интерконекција со Македонија ќе овозможи поврзување со Трансанадолскиот гасовод (TAP), давајќи ни уште една маршрута за поврзување со Јужниот гасен коридор и терминалот за течен природен гас во Грција, а во исто време ќе се поврземе со гасоводот БРУА и изворите на гас од соседна Романија – рече тој.

Коковиќ наедно изјави дека развиената енергетска инфраструктура е предуслов за безбедно снабдување со природен гас и дека до крајот на 2027 година е планирано поврзување со Унгарија преку нафтовод.
– Развојот на гасната инфраструктура е од големо значење за Србија. На крајот од 2023 година, ја завршивме изградбата на гасната интерконекција меѓу Србија и Бугарија и склучивме договори за испорака на природен гас од Азербејџан, со што за прв пат го диверзифициравме нашето снабдување, обезбедивме проток на гас од Касписко Море и се поврзавме со Јужниот гасен коридор, што е еден од најголемите гасни проекти во светот во последната деценија – рече Коковиќ на панел посветен на обезбедување енергетска безбедност преку отпорна инфраструктура. Р.С.