Во галеријата „Остен“ е отворена изложбата на 15 македонски жени уметници со кои „Остен“ има долгогодишна соработка. На изложбата се претставени слики, цртежи и видеа од колекцијата на „Остен“ од уметниците: Анка Данаиловска, Евгенија Демниевска, Петра Јовановска, Мирјана Крстева Масети, Росица Лазеска, Татјана Манева, Јана Манева Чупоска, Љубица Мешкова Солак, Касиопеја Наумоска, Јасминка Новковска, Марија Павловска, Ирена Паскали, Марија Светиева, Ана Темкова и Симонида Филипова Китановска.
Секоја од уметниците има свој автентичен израз и богато творечко портфолио, со учество на голем број домашни и меѓународни изложби, награди и признанија. Дел од нив живеат и работат во странство, но остануваат активни чинители на македонската културна сцена, се посочува за изложбата.
Анка во 1995 година дипломирала на ФЛУ на графичкиот оддел во класата на професорот Димче Николов. Магистерски студии завршила во Софија. Данаиловска почина во 2016 г. Евгенија дипломирала на Академијата во Белград, потоа заминува на постдипломски студии во Јапонија, каде што живеела четири-пет години, а во последниве три децении живее во Франција. Петра реализирала над 30 самостојни и над 300 колективни изложби низ целиот свет. Носител е на многубројни признанија од ликовни учества во Јапонија, САД, Австрија, Македонија, Романија, Чешка, Франција и др. Мирјана е основачка и членка на „Мултимедиа центар“ од Гевгелија и членка на Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија. Росица дипломирала на Архитектонскиот и на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Нејзиниот опус се состои од графики и цртежи, а зад себе има голем број самостојни и групни изложби во земјава и во странство. Татјана е членка на ДЛУМ и на ДЛУБ (Друштво на ликовни уметници-Битола) на чии годишни и ревијални изложби е редовна учесничка. Во 2004 година магистрира на отсекот графика на ФЛУ. Јана завршува специјалистички студии по сликарство и рачна обработка на стакло на Високата школа за применета уметност во Прага. Таа станала доктор од областа на етнологијата и дизајнот. Љубица дипломирала на ФФЛУ на отсекот графика со конзервација и реставрација во Скопје. Почесна членка е на Фемин арт – Трабзон, Турција. Касиопеја зад себе има триесетина самостојни и повеќе од 120 групни и меѓународни изложби. Добитничка на повеќе значајни награди и признанија. Јасминка магистрирала во 2003 година на Националната уметничка академија во Софија. Досега имала десетина самостојни изложби во Скопје, Софија, Њујорк, Берлин, Германија. Марија била учесничка на осум меѓународни престижни уметнички резиденции. Живее на релација Скопје – Њујорк. Ирена живее и работи во Келн, Германија. Добитничка е на интернационални резиденции и стипендии, како и мноштво награди (во Јужна Кореја, Германија, Албанија). Марија во 1991 година станала членка на Меѓународната асоцијација на графички уметници во Рим и на Меѓународната асоцијација на новинари во Рим. Ана дипломирала на Академијата за ликовни уметности во Белград, специјализирала мозаик во Равена, Италија. Имала студиски патувања во Франција, СССР, Италија, Грција, Шпанија, Бугарија, Холандија и во Турција. Симонида е активна професионална уметница, чија уметничка кариера бележи многубројни домашни и меѓународни награди и претставувања на самостојни и на групни изложби.