Нега и убавина
Кога деновите стануваат долги и топли, бараме спас во природата, сенката, ладниот пијалак и плажата. Ако сме изложени на сонце со многу висок УВ-индекс, ризикуваме да изгориме, дури и ако следиме некои совети за заштита. Кожата е она што нè штити од надворешните влијанија, а ако сме предолго на сонце, да речеме додека уживаме покрај базен или на море, се изложуваме на ризик од изгореници, но и од рак.
Докажано е дека одредени хранливи материи како што се антиоксидантите – витамините Ц и Е и минералот селен – имаат способност да спречат или дури до одреден степен да помогнат во заздравувањето на штетите предизвикани од ултравиолетовото зрачење. Со редовно консумирање храна богата со овие витамини ќе ѝ помогнете на вашата кожа да не гори толку лесно и полесно да заздрави доколку се случи тоа. Не очекувајте чудо – да ги замените производите за нега на кожата со вашата исхрана, но со комбинирање на балансирана, правилна исхрана и заштитни производи, ќе го направите најдоброто за здравјето на вашата кожа. Неодамна во Германија беше спроведена студија за да се испита влијанието на консумирањето маслиново масло и доматно пире како дел од редовната исхрана врз влијанието на заштитата на кожата од сончевите УВ-зраци. И двете намирници се богати со антиоксиданти, маслиновото масло со фитонутриенти и доматното пире со ликопен и феноли. Утврдено е дека испитаниците што консумирале храна со гореспоменатите антиоксиданти имале 35 проценти помалку црвенило на кожата изложена на УВ-зрачење отколку контролната група што имала нормална исхрана.