Кинескиот музеј на црвено сандалово дрво е дом на повеќе од 300 парчиња антички мебел и уметнички дела кои датираат уште од династиите Минг и Чинг. Станува збор за првиот и најголем приватен музеј во Кина што се фокусира на уметнички дела базирани на црвено сандалово дрво и на традиционалниот кинески мебел, изграден и отворен во 1999 година

Една од најголемите културни атракции во Пекинг

Раскошот и деликатноста на скапоценото црвено сандалово дрво испреплетени со богатата историја и традиција на Кина се забележуваат на секој чекор при посета на Музејот на црвено сандалово дрво, што се вбројува меѓу најголемите културни атракции на Пекинг. Станува збор за првиот и најголем приватен музеј во Кина што се фокусира на уметнички дела базирани на црвено сандалово дрво и на традиционалниот кинески мебел, изграден и отворен во 1999 година под покровителство на Лихуа Чен (84), чие богатство изнесува околу три милијарди долари според последните процени.
Во импозантното здание што се протега на површина од над девет илјади квадратни метри, изложени се прекрасни експонати на древната кинеска архитектура, добро зачуван и репродуциран традиционален мебел и други уникатни артефакти направени од црвено сандалово дрво. Кинескиот музеј на црвено сандалово дрво е дом на повеќе од 300 парчиња антички мебел и уметнички дела што датираат уште од династиите Минг и Чинг.


Црвеното сандалово дрво потекнува од тропските шуми на јужна Кина. Тоа е зимзелено дрво што расте бавно, достигнувајќи висина од девет метри. Поради исклучително бавниот раст, црвеното сандалово дрво е достапно само во ограничени количества и Кинезите уште од антички времиња го сметаат за најскапоцено дрво. Токму затоа и големите парчиња мебел изработени од ова дрво се исклучително скапи.
Во септември 2011 година, таканаречената „црвена скулптура од сандалово дрво“ беше ставена на листата на Државниот совет на Кина како национално нематеријално културно наследство. Во 2003 година музејот беше оценет од Националната туристичка администрација како туристичка атракција со ознака 4А, што е блиску до највисокиот ранг. Музејот досега угостил и голем број политички достоинственици од странство.

Милко Живковиќ, наш известувач од Кина

Портрет на Лихуа Чен