Претседателот на Франција, Емануел Макрон синоќа изјави дека војната мора да заврши и оти Украина мора да биде во најдобра можна позиција за да отпочне преговори.
– Не сакаме да почнеме трета светска војна. Прекинот на огнот е тоа што овозможува најдобра хуманитарна ситуација и почеток на разговори што ќе овозможат решавање на територијалните прашања – изјави Макрон за ТФ1.
Тој најави дека санкциите воведени од западните сојузници би можеле да бидат применети „во следните неколку дена“.
– Не можам да ви кажам дали Владимир Путин ќе ја посети Турција. Чекаме одговор од Русија. Она што е во прашање во Украина е нашата безбедност. Сакаме прекин на огнот на копно, на море и во воздух во траење од 30 дена. Русија сака прекинот на огнот да се дискутира во Турција. Сакаме да спроведеме санкции против Русија во наредните денови, во договор со САД – посочи Макрон.
Тој нагласи дека првата гаранција за безбедноста е силна украинска армија.
Макрон посочи дека е подготвен повторно да разговара со рускиот претседател Владимир Путин по завршување на војната во Украина.
– За да ја одвратиме Русија од враќање во Украина за две или три години, ќе продолжиме да инвестираме … Во наредните години ќе мора да продолжиме да ја обучуваме, опремуваме и поддржуваме Украина за да има свои сили – наведе францускиот претседател.
Тој зборувајќи за европското нуклеарни одвраќање истакна дека Париз нема да плаќа за безбедноста на другите.
– Сакам да почнам дебата, но Франција нема да плаќа за безбедноста на другите, тоа нема да биде одземање од она што го имаме, а конечната одлука секогаш ќе биде на Франција. Подготвени сме да отвориме дискусија, особено за распоредување авиони вооружени со нуклеарни бомби во други европски земји – потенцира Макрон.