Отворена манифестацијата „Град на културата за 2025 година“

Гевгелија е град на културата за 2025 година. Оваа манифестација не е само признание туку и можност да се поддржи локалната културна сцена, да се привлече нова публика, да се развие нова соработка и да се постави Гевгелија на мапата како културен центар, кој зрачи со енергија и со оригиналност.
– Тоа е покана – за нова уметност, за свежи идеи, за младинска енергија и за културен туризам што ќе го слави топлиот и автентичен дух на Гевгелија. Овде уметноста е таа што нѐ поврзува, туризмот ни го отвора градот кон светот, а младите, пак, се нашата иднина. Затоа градот што многумина го нарекуваат и „порта кон Европа“ со својот потенцијал е и културна и туристичка порта кон нови можности. Затоа, да ја отвориме вратата за уметниците, да создадеме нови културни мостови, да го претвориме туризмот во доживување што ќе раскажува приказни – преку музика, слики, зборови и движење. Честитки до сите вас што го правите овој град жив, динамичен и културно богат – рече министерот за култура Зоран Љутков, поздравувајќи ги присутните на свеченото отворање на манифестацијата.
Тој додаде дека Гевгелија е важен туристички центар, кој културата ја вградува во туризмот, а туризмот во културата на градот. Затоа Министерството за култура и туризам годинава става посебен акцент не само на културното творештво туку и на развојот на транзитниот и винскиот туризам, како клучни сегменти на локалниот туристички идентитет.
– Гевгелија, со својата стратегиска позиција, може и мора да биде прва станица за сите што влегуваат во нашата земја – и прва можност да се почувствува нашата културна посебност преку гастрономијата, уметноста, виното и гостопримството. Затоа ќе поддржиме програми каде што културата и туризмот може да одат рака под рака – како модерна приказна со длабоки корени. Ќе ги поврземе локалните винарници со културни настани, ќе отвориме нови културно-туристички рути и ќе работиме на тоа транзитните патници да станат туристи, а туристите – амбасадори на нашата култура и културно богатство – рече министерот.
Отворањето на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ на градскиот плоштад беше проследено со концерт на Националниот џез-оркестар, кој под диригентската палка на Џијан Емин изведе незаборавни хитови и поп-евергрини од македонската и светската музичка сцена, специјално аранжирани со нов, уникатен звук за оваа пригода. Претходно, пак, во Уметничката галерија на НУ Музеј-Гевгелија беше отворена самостојната изложба на Aна Митевска, насловена „Приказни во тиркиз – Извор на животот“.