Тестиран авионски мотор што може да забрза до 20.000 км/ч.
За да ја задоволат идната побарувачка за хиперсонични летови, кинеските научници го развија првиот мотор за детонација во светот што користи обичен авијациски керозин. Тестовите на прототипот наречен ОДЕ во тунел за ветер потврдија дека моторот може да го забрза леталото до 20.000 км/ч. Сличен мотор беше развиен пред четири години во САД, на Универзитетот во Централна Флорида, но она што ја разликува кинеската верзија е тоа што не користи мешавина од водород и кислород како гориво.
Во серија експерименти во тунелот за ветер во Пекинг, познат како Хипердрагон, тој успеа да постигне стабилни детонациони бранови користејќи млазно гориво РП-3 – обичен комерцијален керозин.
Резултатите, објавени во кинеското списание „Џурнал оф експериментс ин флуид механикс“, покажуваат дека стапката на согорување во прототипот ОДЕ е дури 1.000 пати поголема отколку кај конвенционалните млазни мотори.
Специфична карактеристика на овој дизајн се петмилиметарските испакнатини во внатрешноста на комората за детонација, кои го подобруваат ефектот на согорување и овозможуваат континуирано детонирање на горивото. Според истражувачите, комората за согорување на овој мотор е 85 отсто пократка од онаа на класичните млазни мотори, што овозможува значително намалување на тежината на авионот и зголемување на неговиот домет. Традиционално, хиперсоничните мотори користат водород или етилен, кои се лесно запаливи, но бараат посебни услови за складирање. Од друга страна, керозинот РП-3 има поголема енергетска густина, но и подолго доцнење на палењето, што го отежнува палењето на моторот во лет. Овој проблем беше решен со инјектирање на претходно компресирана и загреана мешавина гориво-воздух во комората за согорување.
Презентираниот проект е дел од амбициозниот кинески план за развој на авион способен да стигне до која било точка на планетата за само еден час до 2030 година. На пример, летот од Шангај до Лос Анџелес би траел само 30 минути.
Оваа технологија, исто така, може да им овозможи на вселенските авиони за повеќекратна употреба да летаат и во атмосферата и во орбитата. Остануваат голем број технолошки пречки, но научниците најавуваат тестирање на првите прототипови до крајот на годината.