Фото: Амбасада на Грција

Четири лица повредени во трагичниот пожар во ноќниот клуб во Кочани во неделата, минатата ноќ се префрлени на лекување во Белгија, јави дописникот на МИА од Брисел.

Како што информира Македонската амбасада во Белгија, повредените се сместени во четири различни болници во градовите Брисел, Антверпен, Лиеж и Шарлероа.

Настраданите беа префрлени во Белгија со специјален авион на Вооружените сили на Романија, со кој истовремено на лекување во Холандија беа пренесени уште четири други лица повредени при пожарот.

– Антонија, Маја, Петар и Драгољуб пристигнаа во Белгија. Благодарност до белгиската Влада, особено нивното МНР, за сета досегашна помош, како и до Романија и Европската Унија, кои го организираа специјалниот лет од Скопје до Брисел. Утре е нов ден, нова надеж за нашите млади сограѓани, им посакувам брзо закрепнување и здравје! – наведе македонскиот амбасадор во Белгија, Методија Белевски.

Истовремено, голем број македонски државјани кои живеат во Белгија понудија бесплатно сместување и превоз за членови на семејствата на повредените, а Амбасадата обезбеди и преведувачи, кои на повредените и нивните роднини ќе им помагаат за превод во комуникацијата со медицинскиот персонал.

Инаку, во нашата Амбасада во Брисел е отворена книга на жалост во која наши државјани, но и странски граѓани и дипломатски претставници, оставаат пораки за сочувство за жртвите во трагичниот настан во Кочани.

Заинтересираните можат да изразат сочувство секој ден во текот на оваа работна недела од 10:00 до 12:00 и од 13:30 до 15:30 часот, освен в петок, кога книгата на жалост ќе биде отворена од 10 до 12 часот.

Со авион C – 27 Spartan на грчкото воено воздухопловство, во текот на ноќта од Скопје во Атина беа префрлени уште четворица повредни во пожарот во Кочани, со што во Грција на лекување се вкупно 12 лица, од кои пет во Солун и седум во Атина, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што синоќа објави МИА, станува збор за четири млади лица со изгореници, кои веќе се хоспитализирани во две воени болници во Атина.

Воениот авион околу 22.30 часот од воениот авион во Атина полета за Скопје, а операцијата за транспорт заврши по 2 часот по полноќ.

Ова е втор лет од Атина за Скопје во период од 24 часа, откако во понеделникот вечерта беа транспортирани тројца повредени.

Министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис на Икс утрово информираше дека успешно беше спроведен вториот воздушен транспорт на повредени со изгореници од Националниот центар за итна помош (ЕКАВ), со помош на военото воздухопловство, „во рамките на поддршката на Грција за Северна Македонија“.

– Во рамките на континуираната и итна поддршка на Грција за Северна Македонија, по трагичната несреќа што се случи во градот Кочани и по барањето на соседната земја до Европскиот механизам за цивилна заштита, вчера успешно беше извршен вториот воздушен транспорт во Атина на уште четворица повредени со изгореници од страна на ЕКАВ. Авион C-27 на военото воздухопловство на Грција, со медицински тим на ЕКАВ со двајца лекари и тројца спасувачи, слета во 02.10 часот на воениот аеродром Елефсина. Четворицата повредени со изгореници веднаш и безбедно беа пренесени со мобилни медицински единици на ЕКАВ, тројца во Општата воена болница 401 и еден во Општата болница на воздухопловството 251 за понатамошно лекување – напиша Георгиадис.

Грчкиот министер потсети дека до овој момент вкупниот број на пациенти со изгореници од кои се транспортирани во Грција и се хоспитализирани: се шест во Општата воена болница 401 во Атина; еден во Општата болница на воздухопловството 251; тројца во Општата болница во Папаниколау во Солун и двајца во Општата воена болница 424 во Солун.

– Здравствениот оперативен центар на Националниот центар за итна помош (ЕКАВ) во рамките на оперативниот план за управување на транспортот и хоспитализацијата на повредени со изгореници, продолжува да ги одржува во состојба на зголемена готовност Одделите за изгореници во соодветните здравствени центри во Солун и Атина – нагласи министерот за здравство на Грција.

Од грчката амбасада во Скопје, на социјалните мрежи објавија дека авионот на грчкото воено воздухопловство заедно со медицинскиот тим на Националниот центар за итна помош (ЕКАВ) го спроведоа „вториот медицински лет за евакуација со четворица пациенти на интензивна нега кои ќе добијат третман во воените болници 401 и 251 во Атина.

– Наша срдечна благодарност до ΕΚΑΒ за организацијата и координацијата на мисијата. Солидарноста со Северна Македонија е силна – напишаа од грчката амбасада во Скопје и објавија фотографии.