Во овие тешки и тажни моменти за сите македонски граѓани, и во знак на почит на загинатите жртви, повредените и нивните семејства, Владата преку соопштение ги замолува медиумите да се воздржат од објавување на шпекулации и дезинформации, се со цел да не создаваме дополнителна болка и стрес на јавноста.
Бројот на жртви во пожарот во Кочани е 59, за жал млади луѓе кои на трагичен начин ги изгубија своите животи.
– Но, одредени медиуми повикувајќи се на разноразни непроверени извори шпекулираат со бројот на починати и дополнително придонесуваат за вознемирување на јавноста. Во овие моменти на тага, Ве замолуваме сите да се однесуваме одговорно, ова е трагедија за цела држава и да сочувствуваме со болката на најблиските – се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Сѐ што има во интерес на истрагата, се додава, Владата, Министерството за внатрешни работи и сите други органи транспарентно и навремено преку прес-конференции и преку соопштенија известуваат за најновите информации.
– Никој нема да биде поштеден од одговорност, без разлика колкава и да биде вината на кој било инволвиран во овој случај, соодветно ќе одговара. Повторуваме дека ништо нема да биде скриено и стоиме на располагање за дополнителни прашања од интерес на јавноста – посочуваат од Владата.
Исто така, Владата донесе одлука за целосно покривање на трошоците за сместување и превоз на семејствата на повредените лица кои се лекуваат во странство. За побрза и поефикасна комуникација во таа насока е отворена и телефонска линија, а бројот е 070270370.
– Ова е најмалку што можеме да направиме во овие тешки и болни моменти – подвлекуваат од Владата.
Информираат дека Владата и Министерството за надворешни работи и трговија се во постојана комуникација со семејствата на повредените кои во моментот се лекуваат во други земји, но и оние кои тековно се испраќаат.