Македонски граѓани што живеат во странство, меѓу нив и македонски спортисти, тренери и спортски работници, како Ангеловски, Ристовски, Стојаноски…, се организираат за да им помогнат на семејствата што ќе отпатуваат во тие држави, пораки со сочувство од соседството упатија многу спортисти, тренери, клубови, селекторот на фудбалската репрезентација на Србија, Стојковиќ, предложи пријателски хуманитарен натпревар Македонија – Србија…
ПО ТРАГИЧНИОТ НАСТАН ВО КОЧАНИ
Повеќе тешко повредени од страшниот пожар што изби во неделата наутро во дискотека во Кочани се лекуваат во различни држави во поширокиот регион, а македонските граѓани што живеат во тие земји се организираат за да им помогнат на семејствата што ќе отпатуваат во тие држави, со тоа што ќе ги примат или ќе им го платат сместувањето за да бидат покрај своите најблиски во оваа најважна битка што ја водат. Тука, секако, се вклучија и македонските спортисти, тренери и спортски работници што живеат или се натпреваруваат во други држави.
На тој начин и тие сакаат да ја ублажат колку што можат сета оваа трагедија што ги погоди Македонија и нејзиниот народ. Во оваа пригода ќе спомнеме некои, иако нивниот број е поголем и сигурно допрва ќе се зголемува. Па така, поранешниот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија Игор Ангеловски и фудбалерот Стефан Ристовски понудија несебична помош за семејствата на повредените што се лекуваат во Загреб. Ангеловски и интернационалецот Ристовски преку своите профили на социјалните мрежи ја понудија својата помош. Ристовски настапува за хрватскиот првак Динамо од Загреб, а Ангеловски во претходниве години минува многу време исто така во Загреб.
Истото тоа го стори и поранешниот фудбалски репрезентативец на Македонија Милан Стојаноски, кој живее во Белград. Тој се понуди за каква било помош за семејствата за сите оние повредени што се префрлени на лекување во Белград, притоа нудејќи сместување и каква било помош, напиша тој на социјалните мрежи, пренесе на социјалните мрежи фудбалерот Панче Ќумбев, кој всушност контактирал со Стојаноски.
По огромната трагедија во која загинаа 59 лица, а многу се повредени и се на лекување, сочувство стигна и од истакнатиот ракометен стратег Веселин Вујовиќ, кој беше многу години тренер на Вардар. Истото тоа го сторија до македонскиот народ и хрватскиот ракометар Игор Карачиќ, Русинот Тимур Дибиров, Црногорката Јованка Радичевиќ, кои многу години ги бранеа боите на црвено-црните во двете конкуренции.
Не остана имун на невидената трагедија нити актуелниот селектор на фудбалската репрезентација на Србија, Драган Стојковиќ-Пикси, кој најави иницијатива да се одигра хуманитарен пријателски фудбалски натпревар на Македонија и Србија, а собраните средства да им се донираат на семејствата на настраданите и оние што се лекуваат.

– Пред да почнеме со конференцијата во врска со натпреварите што нѐ очекуваат. Се случи невидена трагедија во Македонија, би сакал да изразам сочувство до луѓето и семејствата на жртвите. Ќе предложам Фудбалскиот сојуз на Србија да стапи во контакт со Фудбалскиот сојуз на Македонија за да можеме во иднина да одиграме натпревар. Секако, сето ова би имало хуманитарен карактер. По трагедиите што ги доживеавме, ова е уште една – рече, меѓу другото, во почетокот од прес-конференцијата селекторот на српската репрезентација Стојковиќ.
На социјалните мрежи со порака се јави и најдобриот тенисер на сите времиња, Србинот Новак Ѓоковиќ, кој преку неговиот профил на Инстаграм изрази сочувство по повод големата трагедија што се случи во Кочани. Сочуство преку социјалните мрежи изразија и повеќе фудбалски и кошаркарски клубови од соседството… Во оваа трагедија животот го загубија и фудбалерите Андреј Лазаров (25, Шкупи), Дамјан Танески (18, младински состав на Вардар и на Скопје, Брегалница, Кит го) и кошаркарот Петар Ивановски (18, Дино баскет од Кочани).
Несекојдневна ситуација се случи на ракометниот натпревар во квалификациите за пласман на Европското првенство в година, помеѓу Хрватска и Чешка во Загреб. Хрватите го прекинаа мечот со Чешка во 37-та секунда за да има една минута молчење за настраданите во Кочани. Судиите на овој меч заборавија на почетокот на мечот дека треба да има минута едноминутен молк за настраданите во Кочани, па навивачите сами го иницираа тоа во 37-та секунда. На фудбалски натпревари во Србија исто така пред почетокот им беше оддадена почит на жртвите од Кочани со едноминутен молк.
Во знак на почит и солидарност, Фудбалската федерација на Македонија информира дека медиумските активности на фудбалерите во пресрет на квалификациските натпревари за пласман на Светското првенство ќе бидат сведени на минимум, како и тоа дека се одложени пријателските натпревари на репрезентацијата за фудбалери до 16 години со селекцијата на Естонија, во Скопје.
Владата прогласи седумдневна жалост во Македонија. Македонските спортски федерации упатија сочувство и ги одложија сите спортски настани. Поради трагедијата, спортот во Македонија е стопиран една седмица, а на терен ќе истрчаат само спортистите што имаат мечеви во меѓународни натпреварувања, како фудбалерите на репрезентацијата на Македонија за дуелот со селекцијата на Лихтенштајн в сабота, на гости, во квалификациите за пласман на Светското првенство в година, ракометарите на Алкалоид, кои ќе играат со романски Баја Маре во четврт-финалето на Купот на Европската ракометна федерација… Г.И.
