Фото: Собрание

Сите процедури се строго спроведени во целосна согласност со Деловникот на Собранието, нагласуваат од Кабинетот на претседателот на Собранието во врска со денешните толкувања за работата на Собранието.

– Имерлије Салиу Фетаи не е претседателка на Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Таа претседаваше за одредена точка од дневниот ред на Комисијата, со овластување од Претседателот на Собранието, во целосна согласност со член 126, став 3 од Деловникот на Собранието. Нејзината улога на оваа седница беше чисто процедурална и ограничена само на оваа конкретна точка од дневниот ред – се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието.

Во Собранието денеска се одржа седницата на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, на чиј дневен ред имаше само една точка – Предлог измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка.

Седницата помина во тензична атмосфера. Пратениците на опозициската СДСМ побараа да се дополни дневниот ред со Законот за правата на бранителите, но претседавачот на Комисијата пратеничката Имрлије Салиу-Фетаи нагласи дека таа е назначена да ја води оваа седница на Комисијата само со една точка на дневниот ред. Членовите на Комисијата од Коалицијата „Влен“ истакнаа дека законот за бранителите нема да помине се додека со закон не се реши и статусот на поранешните припадници на ОНА. По ова, пратеничката група на СДСМ на прес-конференција најавија дека ќе поднесат кривична пријава против пратеничката Имрлијe Салиу-Фетаи од „Влен“ за како што кажаа, грубо кршење на Деловникот околку денешното претседавање со собраниската Комисија за социјална политика, млади и демографија.

Реакции околу случувањата на собраниската Комисија за социјална политика потоа имаа и ВМРО-ДПМНЕ и „Влен“.

Иако беше тензично на Комисијата за социјална политика, на седница денеска комисискиот филтер го помина Предлог-Законот за пензиско и инвалидско осигурување. За ова попладнево преку писмено соопштение реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека со денешното делување во Собранието, СДСМ сакала да го спречи покачувањето на пензиите.