ШАХ – СП 2025 ЗА ЈУНИОРИ
Македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Антон Златков (рејтинг 2.321, рангиран 80-ти пред почетокот на турнирот) оствари големо реми со бели фигури во осмото коло на Светското првенство (СП) во шах за јуниори (до 20 години) во Петровац (Црна Гора), против интернационалниот мајстор (ИМ) од Узбекистан Хумојун Бегмуратов (2.409, рангиран 46-ти). Половина поен освои и вториот македонски претставник Мајкл Бурнс (1.983, рангиран 132.), кој со црни фигури го подели поенот со Иван Кукушкин (2.129, рангиран 109.) од Бугарија. Единствената победа во македонскиот тричлен состав во ова коло на СП 2025 ја оствари Инџи Ајрадиноска (1.767, рангирана 93.), која со бели фигури ја надигра Зури Калоки (1.784, рангирана 92.) од Кенија.
По осум кола, Златков во конкуренција на 157 шахисти од 58 држави (12 ВМ, 37 ИМ, 44 ФМ) е на 38-то место со пет поени, а Бурнс е на 137-то со 2,5. Помеѓу 98 шахистки од 49 држави (седум ЖВМ, 24 ИМ, 13 ЖИМ, две ЖФМ и 33 ЖФМ), Ајрадиноска е на 89-то место со 2,5 поена. Кај момчињата во водство е првиот фаворит, Индиецот Пранав (2.615) со седум поени, а кај девојчињата, ЖФМ од Русија Марија Јакимова (2.201, рангирана 31.) и ЖИМ од Украина, Јелисавета Хребеншчикова (2.259, рангирана 18.), со по 6,5 поени.
Г.И.