Младинската репрезентација на Македонија идната недела ќе настапи на мини-турнир во Полска, каде што ќе одигра натпревари со Полска и со Алжир. Црвено-жолтите на СП 2025 ќе играат во групата Ф со Исланд, Романија и со Фарските Острови
РАКОМЕТ
Селекторот на машката младинска репрезентација на Македонија, за ракометари до 21 година, Раде Стојановиќ, го објави списокот со 17 играчи, кои ги повика за претстојната недела на Европската ракометна федерација (ЕХФ), во подготовките за настапот на црвено-жолтите на младинското Светско првенство (СП) во Полска, годинава.
Репрезентацијата на Македонија идната недела ќе настапи на мини-турнир во полскиот град Олецко, каде што на 13 март ќе ги одмери силите со Полска, еден ден подоцна и со Алжир, а македонските противници на тој турнир ќе играат меѓу себе на 15 март.
На годинашниот Мундијал, македонската репрезентација во прелиминарната фаза е во групата Ф, во која се и селекциите на Исланд, Романија и на Фарските Острови. Најдобрите две репрезентации од секоја од осумте групи ќе се пласираат во втората групна фаза, во која групата Ф ќе вкрсти со репрезентации од групата Е, во која се селекциите на Данска, Франција, Мароко и на Мексико.
Македонија досега учествуваше на три младински светски првенства, а најдобриот пласман го постигна во 2017 година, кога го освои шестото место. Титулата на јубилејното 25-то младинско Светско првенство во Полска ќе ја брани репрезентацијата на Германија, која во финалето на планетарниот шампионат пред две години, во Берлин, ја совлада селекцијата на Унгарија со 30-23.
Според информациите од Ракометната федерација на Македонија, собирот на репрезентативците е закажан за в понеделник, во Скопје.
Г.И.
СОСТАВ
Давид Брестовац Еурофарм Пелистер
Ѓорѓи Николовски Мулти Есенс
Самоил Ристевски Еурофарм Пелистер
Дамјан Субашевски Бутел Скопје
Марио Стојановиќ Вардар 1961
Давид Трајковски Прилеп
Тодор Узунчев Бутел Скопје
Кристијан Стаменковиќ Вардар 1961
Андреј Глигоров Пролет 62
Андреј Стојановски Пролет 62
Мирче Калајџиески Еурофарм Пелистер 2
Јован Даневски Тиквеш 2014
Димитар Узунчев Бутел Скопје
Давид Димевски Куманово
Ненад Белистојаноски Еурофарм Пелистер 2
Ѓорѓе Ѓуриќ Младост Богданци 1977
Дејан Михајловиќ Бутел Скопје