Премиерот на Јапонија, Шигеру Ишиба денеска изјави дека се обидува да спречи поделба помеѓу САД, Украина и Г7, оценувајќи ја синоќешната расправија помеѓу американскиот и украинскиот претседател како „прилично неочекувана“.
– Јапонија мора се да направи за да спречи поделба. Ова не е нешто што треба да предизвика конфликтни емоции. Дипломатијата потпомогната од сочувство и истрајност мора да се користи за да се постигне мир – наведе Ишиба.
Тој истакна дека вербалниот судир помеѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски „не е дипломатски образец“.
– Иако разликата во ставовите стана јасна, тоа што мора да се направи во правец на прекин на огнот, останува исто – посочи Ишиба.
Јапонија заедно со другите земји-членки на Г7 (Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, и САД) ја поддржува Украина од почетокот на руската инвазија и воведе санкции кон Русија.