Во спомен на Благој Самоников, 1943-2025 година

Сеќавање

Се јави, еднаш, двапати, трипати и којзнае уште колку пати ќе се јавеше ако не се согласев да му ја исполнам желбата.
Во печатницата ми рекоа дека сопственикот е отсутен. Ќе биде надвор од државата повеќе од две недели. Веста не го вознемири. Рече дека ќе чека.
Точно по две недели повторно ми се јави. „Ако за Бога знаеш, да го направиме тоа“. Му реков на сопственикот на печатницата. Се завети дека нема да си го погази зборот.
По неколку неуспешни обиди да ми го достави, дојде и тој ден кога го имав во рацете. Му кажав дека успеавме и дека идам да му го доставам.
Ме пречека на вратата со широко отворени очи и топла насмевка. Го стегна во рацете и рече: „И оваа година местото на ѕидот одредено за календар ќе биде пополнето“. Погледна во календарот и заклучи дека има уште десетина дена да заврши месецот јануари и да почне месецот февруари. Ми се заблагодари и се разделивме.
Некаде на средината од февруари разбрав дека починал. Се покајав што толку брзо му ја исполнив желбата.

Автор: Трајче Кацаров