Денеска во Музејот на македонската борба за државност и самостојност

Збирката текстови „Човекот, културата и влогот во сопствената култура“ од м-р Александар Јорданоски ќе биде промовирана денеска напладне во Музејот на македонската борба за државност и самостојност. Станува збор за одбрани дваесетина текста што изминативе две години Јорданоски ги објавуваше на страниците на „Нова Македонија“ како негово видување на состојбите во нашето секојдневие, со фокус на културата или, поточно, културното наследство, што е негова потесна специјалност, како и еден пообемен текст наменски подготвен за седмата меѓународна научна конференција „Предизвици во туризмот и бизнис-логистиката“, која се одржа во мај минатата година во организација на Факултетот за туризам и бизнис-логистика во Штип.
За соработката со нашиот весник, како и настанувањето на самата книга, Јорданоски објаснува уште во предговорот во кој ѝ се заблагодарува на „Нова Македонија“, велејќи дека на страниците на весникот му било овозможено да ги изрази своите ставови кон главните културолошки столбoви за Македонија, видени преку очите на културното наследство. Резултатот на таа соработка е презентиран пред пошироката јавност вообличен во една монографија.
Како најава за монографијата може да се цитираат воведните зборови на авторот: „Глобалистичкиот пристап на животот, кој речиси целосно е поврзан со урбаното живеење и нуди унифициран начин на живеење и поглед кон светот, не овозможува природен начин на пренесување на знаењата, умеењата, вештините и навиките од животниот циклус, од една генерација на друга, со што се загрозува богатството на светскиот културолошки диверзитет. Таа нишка на природно пренесување на колективната меморија, која е исклучително загрозена, УНЕСКО ја препознава и продуцира начини за да не згасне автохтоното генерирање на културната посебност на секој народ, односно заедница во светот“.
Промотори на монографијата ќе бидат проф. д-р Никола Минов и проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, како и Марјан Велевски, поранешен главен и одговорен уредник на „Нова Македонија“. Наратор ќе биде актерот Роберт Вељановски. П.Р.