Здружението на македонските иселеници ЕГЕ е формирано од страна на врановчани и нивните потомци што живеат во Република Турција. Според одредени податоци, се проценува дека околу 45.000 турски граѓани со потекло од Горно Врановци денес се населени во Измир. Тие никогаш не ги заборавиле своите македонски корени и продолжуваат да ги негуваат македонскиот јазик и македонските обичаи. Во таа насока се и активностите на здружението на македонските иселеници ЕГЕ, предводено од претседателот Мустафа Кемал Узункаја
Неуморните активности кон промовирање и афирмирање на македонските културни особености во Република Турција продолжуваат и понатаму. Потврда за тоа е и последниот настан организиран од здружението на македонските иселеници ЕГЕ, предводено од претседателот Мустафа Кемал Узункаја. На споменатиот културен и промотивен настан присуствуваа повеќе од стотина турски граѓани што имаат македонски корени, како и градоначалникот на општината Чашка од Македонија, Горан Стојановски, градоначалникот на општината Чигли, Онур Емрах Јилдиз, градоначалникот на општината Тургутлу, Четин Акин. На настанот можеше да се слушне македонската музика, а некои од гостите играа и македонско традиционално оро.
Градоначалникот на општината Чигли, Онур Емрах Јилдиз, во своето обраќање истакна дека е роден и израснат во Чигли.
– Вие бевте наши соседи, сите ме познавате и јас ве познавам. Пораснавме заедно. Многу сум среќен што пораснав со прекрасни луѓе од Балканот. Оттаму дојде и нашиот голем татко на нацијата Мустафа Кемал Ататурк! Многу ни е драго што ве угостивме во општината Чигли, многу сме среќни – рече Јилдиз пред присутните.
Горан Стојановски, градоначалник на општината Чашка, ја изрази својата среќа што е присутен на настанот и му се заблагодари на здружението на македонските иселеници ЕГЕ за манифестацијата.
– Тука е и нашата сестринска општина Тургутлу, претставувана од нејзиниот градоначалник господин Четин Акин, кого посебно го поздравувам. Наедно, со радост можам да ве информирам дека ист ваков настан општината Чашка ќе организира во јули годинава – рече Горан Стојановски.
На манифестацијата беше промовирана и книгата на Драги Наумовски за историјата на македонските доселеници од Горно Врановци. Тој во своето обраќање пред присутните нагласи дека книгата за Горно Врановци ја објавиле на македонски и турски јазик како „сведоштво на македонската историја, за нас во Македонија и овде во Турција“.
Наумовски веќе подолго време го истражува селото Горно Врановци, преку откривање нови и необјавени документи, како и разговори со оние горноврановчани што сѐ уште се живи и се сведоци на некои од историските настани или со потомците на некои од иселениците. Наумовски неколкупати беше во посета на горноврановчани во Измир, каде што оствари повеќе средби и разговори, а меѓу другото точно утврди во чии семејни куќи биле сместени извршната и законодавна македонска власт, но и печатницата „Гоце Делчев“ каде што за првпат е испечатен и најстариот македонски дневен весник „Нова Македонија“. Сите овие податоци можат да се прочитаат во неговата книга, што каде се објавени и повеќе оригинални фотографии.
Мустафа Кемал Узункаја, претседател на здружението на македонските иселеници ЕГЕ, во својот поздравен говор им се заблагодари на градоначалниците, како и на Драги Наумовски, кој ја напиша книгата за Горно Врановци.
– Бидејќи нашите корени се во Македонија, денес живееме и твориме во Турција, нашата цел е да бидеме и ќе останеме единствени и солидарни, затоа живееме и работиме, ги одржуваме нашите традиции и обичаи од стариот крај и овде во Турција – рече Узункаја во својот поздравен говор.
На крајот од настанот им беа доделени плакети на градоначалниците и сите оние што го помогнаа настанот, како и на Драги Наумовски за неговата книга за Горно Врановце. Д.Ст.
Здружението на македонските иселеници ЕГЕ
Здружението на македонските иселеници ЕГЕ е формирано од страна на врановчани и нивните потомци што живеат во Република Турција. Според одредени податоци, околу 45.000 турски граѓани со потекло од Горно Врановци се населени во Измир. Тие никогаш не ги заборавиле своите македонски корени и продолжуваат да ги негуваат македонскиот јазик и македонските обичаи. Во таа насока се и активностите на здружението на македонските иселеници ЕГЕ, предводено од претседателот Мустафа Кемал Узункаја.
Според него, здружението има преземено повеќе активности што се насочени кон зачувување на нивните македонски обичаи и култура, како и зачувување на македонскиот јазик. Конкретно, споменатото здружение организира бесплатен курс по македонски јазик, кој започна во јануари 2023 година под менторство на г. Ќамуран Арслановски.
Речиси сите ученици потекнуваат од Република Македонија и со овој чин здружението им ја исполни желбата да го научат јазикот на земјата во која се родени нивните предци. Македонските иселеници во Република Турција имаат и своја игроорна група во чии рамки се негуваат македонските ора, но и народните носии, кои се типични за Македонија. Во рамките на одржувањето на традиционалната македонска кујна, македонските иселеници организираат и бесплатни курсеви за приготвување храна што е типична за Македонија. Д.Ст.