Во истрагата вклучен Европол
Полицијата во Брчко во Босна и Херцеговина, уапси вкупно осум лица осомничени за трговија со деца, откако во куќа во градот пронашла 31 дете.
-Во рамки на досегашните активности за пронаоѓање на 31 дете, уапсени се вкупно осум лица поради сомнение за сторени кривични дела „трговија со луѓе“, „трговија со деца“ и „запуштање“ или злоупотреба на дете – соопшти окружната полиција Брчко.
Портпаролката на окружната полиција Џевида Хукичевиќ изјави за новинарите дека истрагата за овој случај е сложена и вклучува повеќе линии на дејствување, наведувајќи дека поради сложеноста на случајот, по наредба на обвинителот, воспоставена е соработка со Агенцијата за истраги и заштита (СИПА), Министерството за внатрешни работи на Република Српска, Министерството за внатрешни работи на Херцеговскиот-неретвански кантон, како и со меѓународна соработка со Европол.
Полицијата во соработка со Центарот за социјална работа и Црвениот крст пред два дена во куќа во Брчко пронашла 31 дете, по што децата биле пренесени на безбедно место.
Медиумите во БиХ објавија дека пронајдените деца имале хрватски пасоши и дека ги чувала една жена, најверојатно италијанска државјанка, која е уапсена.
Меѓу уапсените наводно има и судски полицаец и неговата мајка.