Во трката за трофејот се ланските финалисти, шест актуелни домашни прваци, тимови од сите четири барабани пред ждрепката за лигашката фаза… За ждрепката нема ограничувања, па ќе може да се сретнат тимови од иста земја или екипи што веќе се сретнаа сезонава во лигашката фаза

ФУДБАЛ – ДЕНЕСКА ЖДРЕПКА ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

По три тима од Англија, Шпанија и од Германија, по два од Франција и од Холандија и по еден од Италија, Португалија и од Белгија останаа во трката за европската фудбалска титула, меѓу нив и ланските финалисти, првакот Реал Мадрид и Борусија Дортмунд. Во денешната ждрепка (од 12 часот) за осминафиналето на Лигата на шампионите (ЛШ) влегуваат и шест актуелни домашни прваци, потоа тимови од сите четири барабани пред ждрепката за лигашката фаза…
Со завршувањето на плејофот за влез во осминафиналето сите тимови ги добија потенцијалните ривали. Така, Пари сен Жермен и Бенфика ќе играат со Ливерпул или со Барселона, Клуб Бриж и Борусија Дортмунд ќе се сретнат со Лил или со Астон вила, потенцијални ривали на Реал Мадрид и на Баерн се Атлетико Мадрид и Баер, а ПСВ Ајндховен и Феенорд ќе играат со Арсенал или со Интер. Осминафиналето е од 4 до 12 март на програмата.
За ждрепката нема ограничувања, па ќе може да се сретнат тимови од иста земја (такви потенцијални двојки се Баер – Баерн и Реал Мадрид – Атлетико Мадрид) или екипи што веќе се сретнаа сезонава во лигашката фаза (Клуб Бриж и Астон вила играа меѓу себе во четвртото коло, а Барселона и Бенфика се сретнаа во седмото коло). Со ждрепката за осминафиналето денеска ќе бидат одредени и потенцијалните двојки за четврт-финалето и за полуфиналето.
Во конкуренција за трофејот за континентален првак се актуелните домашни прваци Баер, Клуб Бриж, Интер, Реал Мадрид, Пари сен Жермен и ПСВ Ајндховен, потоа вицешампионите од лани, Арсенал, Барселона, Феенорд и Бенфика, третопласираните Ливерпул и Баерн, четвртопласираните Астон вила, Атлетико Мадрид и Лил, како и петтопласираната од минатата сезона Борусија Дортмунд.
Секој од четирите барабани пред ждрепката за лигашката фаза ќе биде претставен во осминафиналето, и тоа седум тима ќе има од првиот (Реал Мадрид, Баерн, Пари сен Жермен, Ливерпул, Интер, Борусија Дортмунд и Барселона), пет од вториот (Баер, Атлетико Мадрид, Бенфика, Арсенал и Клуб Бриж), три од третиот (Феенорд, ПСВ Ајндховен и Лил) и еден клуб од четвртиот барабан (Астон вила). Н.М.


ЛШ, ПЛЕЈОФ

ДВОЈКА РЕВАНШ ПРВ МЕЧ
Милан – Феенорд 1-1 0-1
Аталанта – Клуб Бриж 1-3 1-2
Баерн – Селтик 1-1 2-1
Бенфика – Монако 3-3 1-0
ПСЖ – Брест 7-0 3-0
Реал М. – Манчестер с. 3-1 3-2
ПСВ – Јувентус 3-1 1-2
Борусија Д. – Спортинг 0-0 3-0

ОСМИНАФИНАЛИСТИ
ДИРЕКТЕН ПЛАСМАН, НОСИТЕЛИ
1. Ливерпул (Англија)
2. Барселона (Шпанија)
3. Арсенал (Англија)
4. Интер (Италија)
5. Атлетико М. (Шпанија)
6. Баер (Германија)
7. Лил (Франција)
8. Астон вила (Англија)

ПОБЕДНИЦИ НА ПЛЕЈОФОТ, НЕНОСИТЕЛИ
10. Борусија Д. (Германија)
11. Реал М. (Шпанија)
12. Баерн (Германија)
14. ПСВ (Холандија)
15. ПСЖ (Франција)
16. Бенфика (Португалија)
19. Феенорд (Холандија)
24. Клуб Бриж (Белгија)
тимовите се подредени според пласманот во лигашкиот дел
Извор: УЕФА

ОСМИНАФИНАЛЕ, МОЖНИ ДВОЈКИ
Пари сен Жермен – Ливерпул или Барселона
Клуб Бриж – Лил или Астон вила
Реал Мадрид – Атлетико Мадрид или Баер
ПСВ Ајндховен – Арсенал или Интер
Феенорд – Интер или Арсенал
Баерн – Баер или Атлетико Мадрид
Борусија Д. – Астон вила или Лил
Бенфика – Барселона или Ливерпул
ждрепката е денеска од 12 часот, мечевите се од 4 до 12 март